
Замина Емануела, почина Силвија Кристл. Оние што не ја познаваат, бесмислено е да им се објаснува, ние останатите кога ја слушнавме веста само ја наведнавме главата, тагата во очите ни се помеша со сеќавањата, почина жената која ни ја откри магијата на водењето љубов.
Многу генерации си добија своја Емануела. Еден... Два... Три... Четири... Неколку Емануели, една единствена Силвија Кристл. Во животот, на секој му е потребно нешто да го открие сексот во себе. Сам е досадно да го бараш. Оние што ја запознаа Силвија Кристл, жената наречена Емануела, сфатија дека прекрстувањето женски нозе не е само удобна положба за седење. И мастурбирањето престана да биде срамен чин. Водиш љубов со Емануела, сега знаеш дека сексот во иднина мора да биде божествено задоволство. Ако твојата жена, девојка, партнерка, не ја има насмевката на Емануела после водење љубов со неа, далеку си од вистински љубовник, пријателе.
Замина Емануела, почина Силвија Кристл. За мене таа секогаш ќе биде, мојата прва љубовница. Откако ја запознав, научив како треба да се допира жена. Сексот не е само празнење, тоа е уметност. После Силвија Кристл, водењето љубов е восхит, а зборовите се поезија.
Ми доаѓа самовила
по улицата измочана
Се белат градите
на полна месечина
под кошулата раскопчана.
Ако имаме почит кон женската убавина и откривањето на она што се вика водење љубов, „Скопје 2014-та" мора да добие уште еден споменик, Силвија Кристл наречена Емануела, мора да седне во паркот. Јас го знам и местото. Ние кои сме растеле во овој град го викаме Љунфер брдо. И ова не е никаков цинизам или иронија. Сериозен сум како смртта која дојде по неа.
Збогум Емануела, љубов моја!
Алек Русјаков