Има различни истории. Некои се мрачни и сериозни како штембил - да речеме, германската или полската - а на некои, пак, само заебанција им е на памет. Хрватската историја, на пример, е позната како голем заебант: меѓу светските истории сè уште се прераскажува оној нејзин скеч на буквата Б, сите го знаат, кога за само сто години ги извади Хрватите од ропството на Виена (Беч) и ги донесе под Белград, потоа ги ослободи од белградското ропство и ги донесе директно под Берлин, па ги ослободи од берлинското ропство и ги врати под Белград, па повторно ги ослободи од белградското ропство и ги донесе под Брисел, и на крајот им ја покажа Будимпешта како ослободител од бриселското ропство. А ако не се добри, им кажала историјата на Хрватите, под буквата Б уште ги има Букурешт и Бања Лука.
Добра е хрватската историја, баш онака смешна, но најголемиот жив заебант е историјата на Србите, вистинска легенда меѓу светските истории. Кога во Клубот на историчари, култната меана „Кај Херодот“ ќе се најдат европски и светски истории, сите само чекаат да дојде историјата на Србите. Не велам, и дотогаш знае да биде весело и интересно: англиската историја, на пример, може да биде духовита, италијанската историја е фалбаџиска, но убаво раскажува, а американската историја сака да го тегне - „среќа што е кратка, ме отече брате“, знае да ѝ каже историјата на Кина, па цела кафеана се смее.
Сепак, сите светски истории, подгледнуваат настрана чекајќи да се појави историјата на Србите. Српската историја, тоа веќе сите го знаат, заостанува и до двесте години зад другите, но чекањето, велат, вреди секоја деценија. Кога конечно ќе се појави, целата кафана живнува, другите истории веднаш ѝ прават место, хрватската и албанската историја се караат која ќе седи до неа а живата музика сама се гаси, нарачува пијачки и начулува уши.
- Каде си досега, ние богами веќе се уплашивме да не им се случило нешто на Србите! - вели стандардно недуховитата романска историја.
- Каде сум? Цел век го потрошив на Хрвати, да ме ебе Илија Гарашанин! - одговара историјата на Србите, па цела кафана пука во громогласна смеа. - Туки, тури ми една, и види другите што пијат.
Наместо Туки, еве го стариот газда Херодот: ги набрка тој и Тукидид и Тацит и Плутарх и сите келнери, па лично носи сливка и мезе, сака и тој да ги слуша надалеку познатите анегдоти на српската историја.
- Лесно ви е вам да се заебавате, имате работа два-три пати во векот, а за Србите секој ден е историски - продолжи српската историја, истури две ракии низ грло и затресе со главата. - Да ми е само еден ден да бидам историја на Исланд, да одморам ко човек. Толку сум слудена од работа, што историскиот разговор меѓу Александар Вучиќ и Владимир Путин, околу санкциите против Русија и продажбата на рускиот гас на Србија, го наместив вчера, среда, наместо денеска, четврток.
- А што е денес? - срамежливо праша француската историја.
- Како што е денес? Па денес беше округла 30 годишнина откако Русија во 92-ра ѝ воведе санкции на Србија.
- Немој да сереш! - заурлаа другите истории во неверување, а цела кафана во општ делириум се развали од смеење. - Тоа беше денес?
И стварно, ене во архивата на Советот за безбедност на ОН стои руски потпис на Резолуцијата бр. 757 од 30 мај 1992 година, со која братска Русија и другите држави потписнички се обврзуваат „да го спречат увозот на сите стоки со потекло од СР Југославија“ и „на кој било воздухоплов кој ќе полета од територијата на СР Југославија да не му се даде дозвола да ја прелета нивната територија...
- Лажеш! - рика од смеење газда Херодот.
...и плус српски спортисти добија забрана за учество на европски и светски натпревари а Русија тоа го потпиша побрзо од договорот со Рибентроп! - се смее и самата српска историја, покажувајќи ја пожолтената хартија и удирајќи со тупаница по маса, а во кафулето лом и хаос. - И пазете сега: неколку месеци подоцна Русите потпишаа резолуција на ОН со која експлицитно се забранува „извоз, увоз и претовар на сурова нафта, нафтени деривати, јаглен и други извори на енергија до и од Србија!“
- Доста! Ќе приумрам! - рика Херодот од смеење, се држи за стомак, озбилно не му е добро.
- Најјака е српскава историја! - одушевено од другиот крај на кафаната коментираат словенската, австриската, чешката и другите мител-европски истории.
Гледате, никој не се заебава како што се заебава српската историја. „Русија отсекогаш била со нас во клучните историски моменти“, мртов-ладен на ТВ Хепи ќе изјави министерот за внатрешни работи Александар Вулин, објаснувајќи зошто Србија нема историско морално право да воведува санкции за руските браќа а утредента, светските весници, покрај детали за историската средба Вучиќ - Путин во рубриката „Се случи на денешен ден“ објавуваат слика од рускиот амбасадор Јулиј Вонорцов како на 30 мај 1992 година весело крева рака за потполно исти санкции против Србија. Сосе забрана за извоз на нафта и други енергенти.
А башка приказната за украински нацисти во српската војска на Косово.
- Чекај, какви сега украински нацисти во српската војска? - бришат солзи другите истории, борејќи се да дојдат до здив.
- Што, ви немам кажувано за Украинците на Косово? - шеретски ги потпрашува српската историја. - Херо, наточи уште по една за сите, што си се стиснал?
Да скратам, истиот ден кога е одбележена 30 годишнината од руските санкции за Србија а весниците објавија вест за разговорите Вучиќ - Путин, Балканската безбедносна мрежа објави приказна за украинските борци кои во составот на војската на СР Југославија како дел од меѓународниот доброволечки одред, во 1999 година се имаат борено на Косово, и тоа во самата митска битка за Кошаре!
-Чекај, чекај, Русија вовела санкции за Србија а Украинци се бореле во српска војска на Кошаре? - смеејќи се се охрабри да се јави една млада историја, убедливо најмлада во кафаната.
- Кое е ова дете? - прашува српската историја.
- Историјата на Косово - вика газдата.
- Па смее ли да пие? - се смее српската и ѝ полни чоканче. - Ама чекајте, тоа не е сè!
- Има уште? - се тркалаат по под другите истории.
- Има - одговара српската воздржувајќи се и самата да не имплодира од смеење. - За одење на Косово и помош на браќата Срби тогаш се пријавува и самиот Андреј Билецки!
- Сега стварно сереш! - се јавува од под албанската историја, молејќи ја српската да престане оти се има подмочано.
Српската историја, меѓутоа, никогаш не сере. Можда заебава, ама не сере. Додека братска Русија за репрограмирање на долгот кон Американците го пушти Косово низ вода во 1999 година, во југословенската амбасада во Киев, за заминување на косовскиот фронт и борба од страна на христијанските српски браќа против шиптарските муслимани во 1999 година се пријавува лично и персонално младиот неонацист, Андреј Билецки, подоцна лидер на украинскиот Национален корпус и прв командант на злогласниот неонацистички батаљон Азов!
Ви викам јас, никој не се заебава како српската историја. А богами никој не ни плаќа додека таа е во кафана.
- Бегај бе дете, ти ќе си плаќало - ја оттурна пред фајронт голобрадата косовска историја со Американ експрес картичка во рака, па подвикна кон кујната. - Газда, наплати!
- Сега се сетив: ви имам ли зборувано - ентузијастички на крај се јави американската историја - кога Џими Картер 1980 ги плаќаше и ги обучуваше муџахедините во Авганистан?
- Ќути ма ти, не се резили - ја поклопи газда Херодот.