Во 1965 година, тогаш 21-годишната Анита ги запознава Стоунси по нивниот концерт во Минхен и започнува врска со гитаристот и еден од основачите на групата, Брајан Џонс. Делат иста страст - консумирање дроги, а нивната врска ја обележуваат бурни и љубоморни испади на Џонс.
„Со денови по некоја кавга имав рани и модринки на себе. Во својата лудост фрлаше работи по мене, сè што ќе му дојдеше при рака - ламби, столчиња, чинии со храна, а кога ќе се смиреше, се чувствуваше виновен и ме молеше да му простам“, своевремено изјави Паленберг.
Чашата ѝ ја прелева моментот кога Џонс ја удира по лице, толку силно што самиот си ја крши раката.
На нејзината убавина и магичност не им одолева Кит Ричардс.
„Сè знаеше и тоа умееше да го каже на пет јазици“, има кажано тој. На заедничко патување во Мароко со Анита и Брајан, Ричардс неповратно се вљубува во неа.
„Уште го памтам мирисот на портокалите во Валенсија. Кога првпат легнуваш со Анита Паленберг, паметиш такви работи.“
Кога Анита раскинува со Брајан, односите во Стоунси стануваат напнати. Џонс утеха бара во алкохол и дроги, а летото 1969 година го наоѓаат мртов во базенот на неговата вила во Хартфилд. Кит Ричардс ја пишува песната „Gimme Shelter“ во паничен страв дека Анита го мами со Мик Џегер за време на снимањето на филмот „Перформанс“.
„Пред неа имам умирано од страв. Беше вистинска Валкира, онаа што решава кој ќе умре во битката“, вели Ричардс.
Додека е со него, на цел бенд им е муза. Наводно била инспирација за 'Angie', 'Beast Of Burden' и 'You Got The Silver', а на 'Sympathy For The Devil' пее пратечки вокали. Стоунси го имаат комплетно ремиксувано албумот 'Beggars Banquet' откако Анита им рекла дека првата верзија не ѝ се допаѓа. Паленберг и Ричардс се разидуваат во 1980 година, по 12 години и три заеднички деца. И двајцата својата љубов ја опишуваат како страсна и турбулентна, онаква „без која тешко се живее, а со неа уште потешко“.
Види и:
Анита Паленберг: Добро ми е што сум грда!