На 10 јули 1973 година, Пол Гети, познат и како Џон Пол Гети Третиот (16 години), внук на основачот на империјата Џ. Пол Гети е киднапиран од италијанката мафија додека се мувал со некоја стриптизета на Пјаца Навона во Рим. Го стрпуваат во комбе и го носат 500 километри јужно, во планинските делови на Калабрија. Киднаперите ја контактираат фамилијата и бараат откуп од 17 милиони долари.
Иако киднапирањата тоа време не се необична појава во Италја, многумина веруваат дека малиот сам го има инсценирано киднапирањето, за да ги изгребе неговите. Разгален е, проблематичен, избркан од многу училишта...
Главниот мажјак во таа фамилија, дедото на Пол, во тоа време е најбогатиот човек на светот. Истовремено прочуен по своето цицијаштво.
На пример, во гостинската соба во неговиот лондонски апартман, телефонот бил со жетони. Пред некоја година, неговата петта жена, Теди Гети Гастон, во своите мемоари обелодени дека Џ. Пол сериозно ѝ замерил дека троши многу пари на лекување на нивниот син, тогаш 6 годишниот Тими, кој имал рак и бил слеп. Кога Тими починал, шест месеци подоцна по кавгата околу неговото лекување, татко му не дошол на погреб.
Елем, тој човек слушнал за барањето за откуп и веднаш глатко го одбил предлогот. „Ако сега платам макар еден цент, утре ќе имам 14 киднапирани внуци“, резонирал стариот.
После 4 месеци, киднаперите станале нервозни и нетрпеливи. Во ноември 1973 година, на еден римски весник му праќаат пакет со ужасна содржина. Прамен коса и отсечено уво од киднапираниот дечко.
„Ова е увото на Пол. Ако после 10 дена неговото семејство уште верува дека се работи за шега, прво ќе стигне и другото уво а после Пол ќе го враќаме во делови“, стоело во писмото.
Втората нивна понуда е далеку помала и сега бараат 3,7 милиони долари. Но дедото влегува во преговори и ја спушта цената на 2,89 милиони. Од тоа тој да плати 2,2 милиона а остатокот да го покрие таткото на Пол. Вториов се согласува со рамката, со тоа што тие пари мора да ги позајми од самиот Џ. Пол, и тоа со камата од 4%.
А делот на стариот не случајно е 2,2 милиони. Тоа било лимитот на кој државата враќала данок.
Пол е ослободен на 15 декември 1973 година кога киднаперите го оставаат на автопат. Подоцна е викан на препознавање на луѓето кои го држеле заробен со месеци. Препознал деветмина, само двајца се осудени.
Остатокот од неговиот живот на слобода не е ништо посреќен. Инцидентот со киднапирањето и сознанието дека најблиските не сакаат да платат за него остава длабоки емотивни лузни. Пробува на факултет но се откажува па оди во Њујорк да се дружи со Енди Ворхол, се оддава на алкохол и дроги а по еден овердоз од валиум и метадон, добива мозочен удар по кој останува параплегичар и речиси слеп.
До крајот на неговиот живот за него се грижи мајка му а умира во 2011 година, на 54 годишна возраст.
Стариот Џ. Пол Гети умре многу порано, во 1976 година. Во тестаментот, на својот внук не му остава ни цент а на неговиот татко, својот син, му оставил дури 500 долари. Кон жените во својот живот, 11 на број во тестаментот, бил нешто подарежлив.
Некаде за божиќните празници во 2017, во кино салите дојде филмот на Ридли Скот за оваа приказна „All The Money In The World“. За филмот најмногу се зборуваше затоа што, поради сексуалните обвинувања, во последен момент беше сменет Кевин Спејси а улогата на стариот Гети му беше доделена на Кристофер Пламер.