Во еден есеј, Сартр ќе напише: „Мистик е човек кој сака да се заборави себеси, светот и јазикот што го зборува.“ Ако е во право, а јас сум убеден дека е, тогаш последните мистици на овој свет се алкохоличарите.
Се разбира, тоа не го вклучува оној мизерен сој на локачи на пиво, оние кои пијат два- три аперитиви пред ручек и претпладневни дринкери. Далеку од тоа; тие се отпадници на богот Бахус, алкохолни медиокритети кои својот кукавичлук го правдаат со „културата на пиење“, како што нивните трезни браќа ја правдаат својата ништожност и слабост со “културата на живеење“.
Пред да преминеме на мистичкиот дел на овој мал трактат, треба да кажам: не постои ниедна културна држава на овој свет. За да се уверите во ова, доволно е да ги прелистате дневните вести или да погледнете кој било ТВ дневник. Културата е само глазура над бездните на дивјаштвото и развратот. Строго кажано, тешко е да се најде некултурен човек - Ајхман и Сталин обожаваа литературата - но затоа е речиси невозможно да се најде некој што не е варварин: односно некој чии императиви не се неговото самоволие и сублунарната, елементарна волја на родот.
Така, цивилизацијата би можела накратко да се дефинира како лицемерна самоизмама и меѓусебно преправање дека сме се издигнале од состојбата на Сфингата - човечки лик кој со мака едвај се пробива низ безобличноста на материјата и животинскиот свет. Освалд Шпенглер инспирирано пишувал за ова во „Пропаста на Западот“, означувајќи го периодот на цивилизацијата како последна фаза од декаденцијата. Значи, не живееме во деветтиот круг на модерниот пекол затоа што не сме доволно, туку затоа што сме премногу цивилизирани.
Затоа, големиот град, мегалополисот, се појавува во самракот на секоја култура како средиште на деструктивните сили кои, се разбира, на својата надворешност ги ставаат маските на конструктивноста. Посуптилните духови ја наѕираат измамата, но немаат каде. Помеѓу нив и светот е непроодна бариера од технолошки чудовишта, електронски чувари и комуникациски демони. Со мирна душа може да се каже дека градовите денес се она што некогаш беше Синајската пустина; место на најтешките искушенија и најжестоките искупувања.
Во овој свет материјализиран до крајни граници, и средствата за просветлување исто така мора да бидат материјални. Иако алкохолот, хемиски целосно истражена и едноставна супстанца, во алхемиска светлина, воопшто не е таков. Содржи многу својства чиешто значење е заборавено во големото отстранување на сите релевантни знаења, за да се направи место за квазинауките. Тие суптилни духови се фаќаат за алкохол. Не за да уживаат; за тоа служат дрогите. Тие посегнуваат по алкохол за да се распнуваат, за да ги истражат најмрачните одаи на нивните души, да ја изнесат целата нечистотија на светлината на денот и да ги раскинат оковите на рационализмот до крајни можни граници.
Веќе слушам злобни забелешки. Пијат затоа што се разочарани. Пијат затоа што се слаби. Пијат за да не се фатат во костец со проблемите. Сосема точно, но како во огледало. Јас не гледам ниту една единствена причина (освен отупеност) некој да не биде разочаран од овој свет. Не познавам некој што не е слаб, иако ретко кој сака да го признае тоа. А она фаќање во костец со проблемите? Кој мистик е заинтересиран за проблемите на овој свет? Блесаво трчање по работи, кое Библијата и другите свети книги, најжестоко го осудува. Дигнајќи раце од нештата на овој свет, кој е претесен затоа што макрокосмосот е забетониран, асфалтиран и ограден од мас-медиуми, алкохоличарите се посветуваат на морничава авантура на нурнување во микрокосмосот. Со самото тоа што се презрени, тие ја докажуваат својата возвишеност, затоа што сите големи, возвишени и добри работи се презрени.
Кој не го гледал занесниот танц на пијаниците, сличен на танцот на суфиите во полноќните мистерии на приградските кафулиња, кој не ги слушал нивните бескрајни исповеди, кои не ги гледал нивните лица што личат на шамани во транс кога скршени од алкохол ќе заспијат на клупа, тој пропуштил барем малку да ѕирне во оностраното.
И што е најважно, алкохолот го запира времето, односно го забавува до неговата природна брзина за протокот да има континуитет, да наликува на голема и бавна река, а не на здивен планински порој полн слапови. И тогаш, сликата на светот се искривува и замаглува и просторот почнува да наликува на перспективата од православните икони.
На крајот на краиштата, каква е таа реалност која како магла ја растеруваат неколку децилитри вотка? Нешто не е во ред со таа реалност. Не со реалноста, ќе речат трезвењаците, со сетилата. Добро тогаш, што правиме со такви сетила? Како да им веруваме? Ништо не е во ред ниту со сетилата ниту со реалноста; овие секојдневни слики и нивната наводна солидност се само јадни конвенции, лажни како и секојдневната куртоазија.
Пред сè, алкохолизмот е аскеза. Споредете искусен пијаница, индиски јогин, христијански испосник и ќе најдете неверојатни сличности. Испиеност, избрчканост, запуштеност. Но, така изгледал и Јован Крстител.
А што да се каже за делириумот? Директна пенетрација во оностраното? Каква само шанса се пропушта тука, заради безочната пропаганда на трезвените? Колку чудотворци, одачи по вода и исцелители би имало доколку на добродушните консументи на божествената сома постојано не им се нафрла страшно чувство на вина? Што сè тие би можеле да ни раскажат и што би можеле да нè научат ако „тврдокорните синови на просторот“ на секој можен начин не се обидуваа да ги спречат да внесат барем малку нешто друго во овој здодевен и злобен свет?
Како што можеме да видиме од дијалозите на Платон, таа уранска филозофија била создадена за време на целоноќни и жестоки пијанки, а не на говнарски катедри. Викаат, и Хегел сакал добро да потегне.
Тука, се разбира, зборуваме за интровертните, бели алкохоличари. Како што Бог има свои свештеници, а Ѓаволот свои, така има и екстровертни црномагијски пијаници. Тоа е онаа сорта на надркани румени индивидуи кои пијат „умерено“ додека смислуваат неописливи пакости, од оние локалните па до глобалните. Како е горе, така е и долу, вели Хермес Тристмегист. Таквите се разликуваат од мистиците по тоа што се општествено уважени и добредојдени гости. Како и да е, и светлата и темната страна на светот ја водат алкохоличари. Таква е судбината на ова последно, железно доба.
Другите се тука за да прават вино и да печат ракија.