Сипај од тоа отровот да ги прославиме поразите

Откако цела деценија прописно го исчашуваше вкусот на цела една генерација со симулирање егзотика, пари, коли и брендови, раперот и продуцент Слободан Вељковиќ Цоби („Тешко сељачиште и исто толку непретенциозен и врхунски талент“ - Адо) јако врти („Кажи кад окреќеш да се држимо, испопадасмо!“ - Ѕинго) накај реализмот на јужњачкото секојдневие. Наместо лажен гламур, реален живот. Во таквиот живот поразите не се бројат туку се подразбираат. 

На прво слушање, стихот од песната „Топлица и Власина“, „Сипај од тоа отровот да ги прославиме поразите“, делува како иронична досетка или кафански афоризам. Сепак, токму во оваа едноставност лежи двосмисленоста. Тој истовремено ја прикрива и иронијата и прифаќањето, тој јужњачки став кон животот што го прикажуваат Цоби и Бензика во своите стихови.

Стихот не зборува за поразот како исклучок, туку за загубата како состојба. Не станува збор за несреќа, туку за навиката на општеството кое е навикнато да губи, и поради тоа не прави разлика помеѓу она што се слави и она што обично се оплакува; во двата наврата секако се пие.

Отровот е, се разбира, алкохолoт, бидејќи тој пред сè е симбол на анестезирање на стварноста и служи да го придуши чувството на промашеност, да ја ублажи свеста за изгубените битки пред тие дури и да започнат. Во тој поглед, славењето на загубите не е мазохизам, туку последна порта за одбрана.

Кога повеќе не веруваш во победа, тогаш мора да го претвориш поразот во ритуал, честопати во историски триумф. Кога поразите се дел од секојдневниот живот, економски, емоционален, морален... тогаш и трагичноста се губи. Славењето е цинично прифаќање на реалноста. Исмевање на реалноста. Отровот е замена за надежта, а иронијата за верата во победа.

„Сипај од тоа отровот да ги прославиме поразите“ не е повик за предавање, но е признавање на заморот. Тоа е созвучје од гласови на заедница која повеќе не очекува спас однадвор, бидејќи не верува во ветувања. Во оваа хармонија на тонови нема ниту хероизам ниту епска трагедија, само рационално прифаќање на фактот дека поразите не се бројат, туку се подразбираат. А што правиме кога повеќе немаме што да славиме освен сопствените порази? Одговорот е јасен: „Сипај од тоа отровот да ги прославиме поразите“.

Владан Симоновиќ, Опсег

2 февруари 2026 - 07:37