Во време кога интернетот и социјалните мрежи ги спуштија фамозните 15 минути слава на Енди Ворхол на само 15 секунди, лесно е да се предизвика внимание но ѓаволски тешко тоа да се задржи. Ако некој знае како, знае Лејди Гага.
„Ако нејзините конкуренти во поп музиката возат точаци, таа вози Тесла,“ велат критиките, главно одушевени од нејзината нова песна Stupid Love која потсетува на нејзините најсилни оружја: моќни вокали, продукциска острина и жанровска чистота.
Гага привремено го напушти овој терен за да си поигра на други игралишта: соработуваше со Тони Бенет, снимаше документарци и филмови за после сите тие џез излети, Оскари и Греми награди, девојката која има учено во престижното њујоршко арт школо Тисч (Оливер Стон, Спајк Ли, Алек Болдвин, Били Кристал...) да посака да се врати дома, каде нејзиниот шаренолик и сиров талент намерно го маскира со претерана театралност.
Во медиумска смисла, промоцијата на Stupid Love ja одигра зналачки, пуштајќи ја да „протече“ на интернет во демо верзија некаде на почетокот на годинава и така да ја забревта машинеријата за сегашната промоција кога сето тоа е комплетно спакувано со спот. Малку се уметници кои можат да се пофалат дека нивна, сè уште неиздадена песна, била пуштана на њујоршката модна недела.
Да ја испоштуваме песната додека не ни ја збоктисале со претерано пуштање од сите страни. Целиот спот е снимен со Ајфон 11 про.