Зимбабве се откажа од своите пари, по одличен курс

Од следната недела Владата на Зимбабве ќе ја укинува локалната валута и ќе го воведува американскиот долар. Заради ова почнаа со откуп на старите долари по курс од 175.000.000.000.000.000 локални долари за 5 американски долари.

Уште од 2009-та плаќањето во земјата неофицијално се вршеше со американски долари и јужно-африкански ранд. На врвот на кризата во 2008-ма граѓаните за млеко или леб во продавница плаќаа со кеси полни со Зимбабве долари. Во 2008-ма Зимбабве ја отпечати најголемата банкнота во својата историја - од 100.000.000.000.000 долари. Цела седмица банкнотата беше доволна за плаќање автобуска карта.

Со новиот план за еутаназија на домашната валута, секој граѓанин што има од старите пари треба да ги донесе во својата банка каде ќе им бидат заменети по трајниот курс. Процесот и легално ќе стави крај на валутата, а рокот за замена е до септември. После ова парите ќе можат да се продаваат само како сувенири.

Размената ќе се врши по следниот систем - на тие што на сметка имаат до 175.000.000.000.000.000 долари, ќе им бидат исплатени по 5 американски долари. Оние што ќе имаат над оваа сума ќе добиваат по 1 американски долар за секои следни 35.000.000.000.000.000 Зимбабве долари.

12 јуни 2015 - 09:46