Одговорност за нанесен резил на претседател

27 телохранители се суспендирани за тоа што 90-годишниот Роберт Мугабе се сопна и падна пред цел свет, што потоа заврши како масовен сеир на интернет.

Околу инцидентот е спроведена официјална истрагата, чија последица е суспензија на телохранителите затоа што не успеале доволно брзо да реагираат.

"Прашањето е едноставно. Безбедносниот тим е фатен на спиење. Многу оддели се под истрага, од Ер Зимбабве до претходницата и обезбедувањето. Се сомневам дека некои од нив ќе се вратат на работа," изјавил еден од безбедносните извори.

Сопнувањето се случи минатата недела откако Мугабе им се обрати на своите симпатизери кои беа дојдени да го пречекаат на аеродром на враќањето од посетата на Етиопија.

Членовите на неговиот кабинет веднаш се обиделе да го заташкаат инцидентот, а фотографите што биле присутни изјавиле дека морало да ги избришат сите фотографии од инцидентот. Нешто подоцна министерот за информирање на Зимбабве изјавил дека "дури и Исус би се сопнал на така лошо наместен тепих, ама претседателот на Зимбабве извонредно успеал да го ублажи падот."

11 февруари 2015 - 09:51