Комбинација од екстремни горештини на почетокот од годината и претеран дожд нешто подоцна вонредно ја крена цената на кромидот во земјата заради што властите почнаа да стравуваат дека следно нешто се граѓански немири заради недостатокот на еден од клучните зеленчуци во земјата.
Индија годишно има две жетви на кромид. Првата беше погодена од горештините, и даде само 50% од она што беше собрано за истиот период во 2018. Втората, која се уште трае е оштетена од вонредно обемните монсуни. Дополнителен проблем е што од сегашната берба треба да се обезбеди семенски материјал за садење за следната година.
Цената на големо во еден од најголемите центри за трговија со кромид во Индија моментално е 30,3 евра за 40 килограми кромид, што е 500% повеќе во споредба со почетокот од годинава.
Процената е дека добар дел од 1,3 милијарди Индијци трошат околу 50% од своите приходи на храна, па поскапувањето на кромидот ќе доведе од сериозно изместување на трошоците. Растечката цена на кромидот веќе има соборено неколку индиски влади во изминативе 30-на години.
За колку-толку да го олабави притисокот владата пушти во оптек околу 50.000 тони кромид од државните резерви, а најави дека ќе увезе уште 100.000 тони од зеленчукот. Земјата го забрани и комплетниот извоз на кромид, што пак предизвика криза во соседен Бангладеш кој зависи од индискиот кромид за покривање на сопствените потреби.