И Кина се накачи на теоријата за американски био-лаборатории во Украина

Првичното предупредување на руските функционери, кое беше отфрлено како теорија на заговор, е дека САД во Украина ги имале некои од најопасните био-лаборатории на светот. Сега и Кина почна да ја интересира тоа што Русија го зборува.

Тврдењата околу лабораториите денес за прв пат се спомнати и од кинеска страна, и не на некои опскурни ќошиња на кинескиот интернет туку од портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи.

„Американските биолошки лаборатории во Украина периодов привлекоа доста внимание...

...Сите опасни патогени во Украина мора да биле чувани во овие лаборатории а сите истражувачки активности биле предводени од американската страна,“ изјавил Жао Лиџијан.

Тој ги повикал „сите релевантни страни да ја обезбедат безбедноста на овие лаборатории“ и порачал дека:

„САД како страната која најдобро ги познава лабораториите треба да објави конкретни информации што е можно побрзо, вклучувајќи и кои вируси се чувале таму и кои истражувања биле спроведени.“

Минатата година кинеските дипломати во натегањето околу потеклото на ковид-19, често пати го споменуваа американскиот Форт Детрик, за кој во 1980-те (по кампања на СССР) се тврдеше дека е изворот на ХИВ вирусот.

Според Игор Кирилов, првиот човек на руското министерство за одбрана, задолжен за заштита од радијација, хемиска и биолошка војна, САД во Украина низ годините создале мрежа од 30 биолошки лаборатории „некои од нив истражувачки, а други санитарно-епидемиолошки“.

Во верзијата на Кирилов, се следи биолошката ситуација во области каде Пентагон тврди дека е веројатно распоредување на НАТО контингенти. Плус се уште се врши собирање и транспорт до САД на примероци од „високо патогенски микроорганизми“, и трето, истражувањето веројатно било за „агенти за биолошко оружје, специфични за одреден регион, кои можат да бидат пренесени на луѓе.“

Официјалната верзија на американските власти е дека од 1991 посебен оддел на Пентагон работи со поранешните републики на Советскиот сојуз, вклучително и Украина, „на обезбедување и уништување на оружјата за масовно уништување кои биле оставени по распадот.“

8 март 2022 - 14:04