По основа на сите сомнежи што ги имаат, полицијата почнува со прислушување на Крупи. Од ова собираат околу 1.700 страни материјал меѓу кои освен трговија со дрога, има и муабети за шверц на оружје и внатрешни борби во мафијата во Канада.
Адвокатот на Крупи тврди дека тој е невин и дека станува збор за искрен бизнисмен. За полицијата Крупи е "олицетворение за новиот меѓународен бизнис модел на Ндрангета и како таа мудро успева да избегнува привлекување на внимание."
Токму ваквото преструктуирање на бизнисот е најстрашната промена направена од Ндрангета, која од отвореното рекетирање и киднапирање во 80-те и 90-те, сега се префрла на далеку подискретно функционирање со кое успешно го избегнува вниманието од јавноста.
Бизнисот на Крупи со цвеќе почнува некаде во 90-те, кога тој од најдалечниот југ на Италија (и од семејство за кое се знае дека е поврзано со мафијата), заминува за Холандија и ја отвара својата компанија на Флоралхоланд пазарот. Во 2002-ра нему му се приклучува неговиот шура, Винченцо Макри, кој претходно одлежува 13 години затворска казна во САД за шверц со дрога. Во фирмата Макри е задолжен за наплата на неплатени фактури.
За околината Крупи и Макри никако не се разликуваат од останатите трговци. Стануваат во 4 саат наутро и одат на работа, освен повремено одење во поскапи ресторани, двајцата воопшто немаат луксузен живот, "ни Ферарија, ни скапи часовници."
Она што останатите "пазарџии" не го знаат е дека и двајцата се дел од Комисо кланот (еден од најмоќните ограноци на Ндрангета), и дека се роднини со еден од тројцата босови одговорни за мрежата на Ндрангета до средината на 70-те. Конкретно на Антонио Макри, човекот кој во 70-те од судовите е опишан како "жив симбол за сеприсутноста на организираниот криминал." Ќерката на Антонио му е сопруга на Крупи, а Винченцо Макри му е син на Антонио. Стариот е убиен во 1975-та, а неговата егзекуција започнува мафијашка војна во која за три години загинуваат над 230 луѓе.
Што се однесува до бизнисот, фирмата на Крупи и Макри, Фреш БВ, е најголем извозник на цвеќе во Италија. Во средината на 2000-те нивниот просек е извоз на еден камион цвеќе дневно за Италија. Иако бизнисот им паѓа во последните години, тие сепак испраќаат по неколку камиони цвеќе неделно.
Погодноста на Флорахоланд пазарот е пред се неговата распространетост (има околу 400 фудбалски игралишта), а заради неопходноста за брза испорака на свежото цвеќе во пазарот има постојан проток на шлепери. Како дополнување на ова во непосредна близина на пазарот е пристаништето во Ротердам, и меѓународен аеродром.
За полицијата и обвинителството, вака позиционираниот бизнис на Крупи е на совршено место за прием на пратки од Јужна Америка и нивна понатамошна дистрибуција.
Освен дрога, мрежата на Крупи се користела за шверц на најразлична стока, меѓу која има и една пратка од 175 тони украдени Линд чоколади чија продажна вредност на големо изнесува 5 милиони евра, а на мало достигнува околу 12 милиони евра. При апсењето на Крупи, откриени се околу 40 тони од чоколадите.
По 20 години работа на цветниот пазар Крупи е уапсен минатиот септември на враќање во Италија. Полицијата го апси сред ноќ на југот од Рим. Во истата истрага во која паѓа Крупи уапсени се уште 50 други осомничени. Макри се уште е во бегство.