Баражот на Маск започна со признание дека „гужвата со сообраќајот го излудува“ и дека ќе изгради „машина за копање тунели и едноставно ќе почне да копа“.
Еден час подоцна тој се зафати со брендирање на компанијата, која ја крсти „The Boring Company“, (boring освен „досаден“, значи и „дупчење / бушење“).
Чисто за завршеток на муабетот кратко време по ова Маск порача дека е сериозен: „Стварно има да го направам ова“.
Директорот на Тесла и Спејсикс прв пат посериозно ја спомна идејата за копање тунели на почетокот од годинава за време на една церемонија поврзана со хиперлуп-проектот.
„Многу е едноставна и очигледна идејата и би сакал повеќе луѓе да го прават ова: да градат повеќе тунели. Тунелите се одлична работа. Само правиш дупка во земја, нема ништо тешко околу тоа. Ама ако имаш тунели во град, сериозно го намалуваш загадувањето и можеш да поставиш тунели на различни нивоа; би можел веројатно да имаш 30 слоеви на тунели и комплетно да го решиш проблемот со загадување во густо населените градови. Сериозно препорачувам тунели“, изјави Маск во јануари годинава.
Не е познато дали Маск го има разговарано проектот со Трамп за време на нивниот состанок минатата недела во Њујорк. Уште пред состанокот беше објавено дека Маск се приклучил на Форумот за стратегија и политики на Доналд Трамп.