По месеци минати во напорни преговори, против обвинувања и промени, тешко е да се најде победник. Договорот што Грција го постигна со своите кредитори - ако истрае - ја следи истата економска стратегија која постојано не успева да и помогне на земјата. Грците ќе добијат уште од бруталното стегање на каишот против кое и гласаа. Кредиторите веројатно ќе видат уште помалку пари отколку што би добиле од пакет со намалено штедење и итна помош за долговите.
Со ова предвид, водечкиот кредитор, Германија, и направи услуга на Европа: предлагајќи и на Грција да го напушти еврото, таа прекрши едно политичко табу. Со децении, политичарите ја продаваа заедничката валута како симбол за европското единство и покрај фаличната економија зад неа, мана која уште во 1971-ва беше истакната од професорот на Кембриџ, Николас Калдор. Ова се промени на 11-ти јули, кога европските министри за финансии се согласија дека ќе биде и разумно и практично за земја членка да си замине. "Во случај да не може да се постигне договор, на Грција треба да и биде понудени брзи преговори за тајм-аут," рекоа тие.
Сега кога идејата за излегување лебди во воздухот, вреди да се размисли вон сегашната политичка реалност и да се разгледа кој треба да замине. Доколку Грција излезе, веројатно следена од Португалија и Италија во следните години, новите валути на овие држави остро ќе паднат. Ова ќе ги остави неспособни да ги платат своите долгови во евра, започнувајќи низа на банкроти. Иако падот на нивната валута со тек на време ќе ги направи покомпетитивни, економските болки ќе бидат пролонгирани и неизбежно ќе излезат надвор од нивните граници.
Меѓутоа, доколку Германија излезе од еврото - што го предложија неколку влијателни луѓе како основачот на Ситадел, Кенет Грифин, економистот од Универзитетот на Чикаго, Анил Кашјап и Џорџ Сорос - тогаш нема да има потреба од поразени.
Германското враќање на марката ќе доведе до инстантно паѓање на вредноста на еврото, што на државите од европската периферија ќе им го даде многу потребното засилување на конкурентноста. Италија и Португалија денес го имаат истиот БДП како и кога беше воведено еврото, а грчката економија, која имаше краток раст, сега е во опасност од пад под почетната точка. Послабо евро на сите овие ќе им даде шанса за раст. Ако, што би било многу веројатно, Холандија, Белгија, Австрија и Финска го следат германскиот пример, веројатно за да формираат нова заедничка валута, еврото и дополнително ќе падне.
Пореметувањата од германскиот излез од еврото ќе бидат минорни. Затоа што германската марка ќе може да купува повеќе производи и услуги во Европа (и низ светот) отколку што тоа денес го може еврото, Германците со еден потег ќе станат побогати. Германскиот имот во странство ќе вреди помалку во однос на поскапата германска марка, меѓутоа германските долгови ќе бидат полесни за исплаќање.
Некои Германци се грижат дека посилната германска марка ќе ги направи нивните производи неконкурентни во странство. Ова всушност е посакуван резултат за светот - па дури и за Германија. Со години, Германија собира голем суфицит, што значи дека продава многу повеќе отколку што купува. Оваа разлика само се зголемуваше од почетокот на кризата, достигнувајќи ги рекордните 215,3 милијарди евра во 2014-та. Ваквата неефикасна германска побарувачка го ослабува глобалниот раст, заради што и американскиот трезор и ММФ ја притискаа земјата повеќе да купува. Дури и Европската комисија заклучи дека сегашниот дисбаланс на Германија е "претеран."
Германците знаат како да живеат со поскапа валута. Пред воведувањето на еврото, германската марка постојано растеше на вредност. Германските компании на ова се адаптираа со производство на поквалитетни производи. Ако тие сега повторно ја воведат својата валута, тоа ќе им даде поттик да ја подобрат забавената продуктивност во услугите кои ги произведуваат за себе си.
Веројатно најголемата придобивка ќе биде политичка. Германија ќе ја предаде улогата на владетел на Европа, која покажа дека не е подготвена да ја носи по секоја цена. Со играње на улога на насилник со морална маска, таа не му прави услуга на регионот. Наместо да градат "што е можно посплотена унија" во Европа, Германците се опасност за самиот деликатен материјал од кој таа е создадена. За да останат зближени, европските нации можеби ќе треба да ги олабават врските кои ги држат толку блиску.
Автор - Ашука Муди, визитинг професор по меѓународни економски политики на Принстон