Потребни состојки:
- 2 лажици свеж ѓумбир
- 1 стапче лемонграс
- 2 лажици црвена кари паста
- 500 мл. пилешка супа
- 1 лажица кафеав шеќер
- 2 конзерви кокосово млеко
- 200 гр. шитаке
- 300 гр. шкампи
- 2 лажици сок од лимета
- коријандер
- сол и бибер
Знам, помина многу време од последниот рецепт. Ме караа сите, па ве замолувам да не го правите и вие тоа. :)
Се случи лето, дојде лето. Не дека бев по одмори и затоа не сум напишала ништо, туку работев многу повеќе од порано. Ќе лажам ако кажам дека не бев на одмор. Да, бев, пет дена! Мислите дека ми беше доволно!? Никако, ми фалеа уште два дена барем. Се прашувам ако ги имав и тие два дена, ако бев седум дена на одмор, дали ќе ми фалеа пак уште два дена? Сигурно!
Ми се случија многу работи, ќе кажам убави. Патем, дадов и две интервјуа. Кој ги прочитал, кој не. Запознав нови луѓе, ги изгледав сите можни серии што можеа да се изгледаат (во оние неколку саата пред да заспијам, со полузатворени очи) и почнав да го работам она што најмногу ме прави среќна, готвењето! Да, ќе работам како готвач во ресторан што ќе се отвори наскоро! Каде?! Ќе дознаете наскоро. :)
Не дека не зготвив ништо за вас, нормално дека да, само немав време да споделам. А она на што се навлеков овој месец е азијската храна. Во денешниов рецепт, егзотична супа којашто можете да ја јадете без престан. Иако има многу состојки, верувајте дека е многу едноставна за правење.
Сега кога се вратив, вратете се и вие со мене. Засукајте ги ракавите и право во кујна!
Чекори за подготовка:
- Во тенџере ставете масло да се загрее и во него изрендајте го ѓумбирот, исецкајте го на најситно што можете лемонграсот (го има по маркети, изгледа како стапче и има цитрусен вкус. Доколку не можете да најдете, заменете го со кора од лимон) и додадете ја кари пастата (не пробувајте да ја замените со кари зачинот, не е тоа што треба, а и ја има по маркетите).
-
Мешајте една минута и додадете ја супата. Додадете го кафеавиот шеќер и оставете да вари 15 минути.
-
Додадете го кокосовото млеко и печурките, се рабира претходно исецкани. Мешајте 5 минути.
-
Додадете ги шкампите и мешајте уште 3-4 минути. Тргнете ја на страна и додадете го сокот од лимета.
-
Исецкајте го кориандерот и поклопете ја 5 минути за да се разложат сите вкусови.
-
При сервирање, јас одбрав како додаток оризови нудли, но вие можете да ги замените со ориз или да не ставате воопшто ништо.
-
Исечете еден круг од лимета, украсете со гранче коријандер и послужете. Супа која не се заборава.