Зелено рижото

Да се изненадиш колку може да се вкусни грашокот и боранијата!

Потребни состојки:

  • арборио ориз 200 г
  • црвен кромид 50 г
  • лук
  • грашок 60 г
  • боранија 60 г
  • пармезан 60 г
  • бело вино 
  • маслиново масло
  • путер 
  • 2 коцки супа

Сѐ уште имам проблеми со сликите, т.е. со таблетот. Пробав преку icloud да ги симнам, онака најнормално со save image и си викам леле супер, кога, што да видам, сликите зачувани, ама на пола. Како бе може на пола да се зачувуваат? Како? Ај си велам со принт скрин, па пошто сум на компјутер, во онаа програмана paint ги отварав, па кропнував и ете некако го извадив тоа што ми треба.

Кога веќе сме кај храната, рецептов произлезе од 'дај да потрошам замрзнати залихи'. Мислам дека не постои замрзивач каде што нема грашок или боранија или златна мешавина на крајот на денот. Едно од овие гарант имате! :) Се н'чкав по дома (сега го восприемив зборов н'чкав) натака-навака, глад ме фати (иначе се имам така елегантно пополнето, треба да се преземе нешто) и нормално мора нешто да се зготви. Морам да ви кажам дека арборио ориз имам секогаш. Никогаш не се знае какво рижото ќе ми падне на памет, како ова што  произлезе, и просто се изненадив од вкусот. И си се тешев дека е здраво, демек зеленчук, игнорирајќи ги пармезаните и путерите во него.

А, да, тоа ќе ви зборев, не дека не можете да направите рижото со кочански ориз, но нема да биде тоа тоа, ќе биде како солен сутлијаш. Арборио или карнероли ориз се користи секогаш за рижото. Има посебна структура и го прави самото рижото посебно. Ок, одиме со рецептот. 

Чекори за подготовка:

  1. Прво ставате вода да зоврие за да направите 1 л супа. Исецкајте ги ситно кромидот и лукот. Ставете тава на не многу јак оган со малку путер и маслиново. Почекајте да се загрее и ставете ги кромидот и лукот. Промешајте додека кромидот не добие кристална боја. Додадете го оризот и пропржете сѐ заедно едно 3-4 минути.

  2. Откако ќе пропржите, додадете бело вино. Отприлика 50 мл или да се натопи оризот. Пивнете една-две голтки, и вие сте луѓе. :)

  3. Нека испари виното убаво. Замавнете со раката од пареата накај вашиот нос, затворете ги очите и убаво осетете го она што за скоро ќе го направите. Додадете го грашокот.

  4. Исто така и боранијата.

  5. Убаво измешајте. Заборавив да ви кажам, замрзнати додадете ги. Нема потреба претходно да ги варите и слично. Ви текнува на супата, одма додадете една лажица (кутлача) и константно мешајте.

  6. Без да престанете со мешање, додавајте од супата лажица по лажица. Додека оризот ја впива течноста од едната лажица и се прави кремаста смеса, одма додадете друга. Оваа процедура ќе трае, па да кажеме, 20 минути. Ќе проверувате од време на време дали оризот е зготвен. Не дозволувајте да го преварите, исто како и со шпагетите и рижотото треба да биде ал денте. Кога ќе завршите, тргнете го на страна, додадете една лажичка путер, измешајте го да се растопи. На крај додадете го изренданиот пармезан и мешајте.

  7. Сервирајте го веднаш. Украсете го со што имате по дома и наросете го со мелен бибер. Ммммх, колку беше добро.

Хинт:

Не ставајте сол додека го спремате. Самата супа е солена, а и пармезанот го прави своето!
8 септември 2016 - 20:39