Веге бургер (со сланина)

Кога дознав дека ќе бидам тетка!

Потребни состојки:

  • бургер лебче
  • спанаќ 500 гр
  • сланина
  • кашкавал
  • соини трошки 
  • сирење 100 гр
  • чешне лук
  • 2 јајца
  • презла и брашно
  • сенф
  • домат
  • кромид

Секоја сабота или недела се собираме кај моите на ручек. Една недела решив тоа да го направиме кај мене дома. Сите на број, мајка ми, татко ми, брат ми, сестра ми и нејзиното момче (не дечко, момче е... хм, убав збор). Во тоа време бев вегетаријанец. Едноставно така ми дојде еден ден и решив да се послушам, иако траеше само две години. Искрено, ми се јадеше нешто мрсно (вегетаријанецов што му се јаде мрсно) и ми текна да правам бургери.

Веге бургери. Дојдоа сите, сите со себе донесоа по еден поклон. Никогаш не се случило тоа. Мајка ми донесе цвеќе, сестра ми и момчето донесоа коњак (добар) и две столчиња за да имаат каде да седнат, брат ми донесе пури (цел живот се откажува од цигари и никако не му оди) и така некако цела атмосфера беше свечена и весела. Тоа се оние моменти во животот кои сами по себе се местат спонтано.

Ништо не можеше да биде посовршен момент освен тој, моментот кога сестра ми соопшти дека ќе имаме нов член во нашата фамилија. Се сеќавам како да беше вчера, тоа е едно чувство кое не се заборава (шмрц). И така, тој момент го прославивме со веге бургери, бургери кои секогаш ќе ме потсеќаат на тој ден.

Чекори за подготовка:

  1. Доколку имате свеж спанаќ, со среќа! Мора да признаете колку е ЗАБАВНО да се чисти и да се мие спанаќ. Многу, нели?! Јас би ви препорачала од оној замрзнатион, но ако го имате целото трпение, правете со свеж. Ќе ви ги објаснам и двете постапки.
    СВЕЖ: Го чистите, го миете и го проварувате 5 мин. Треба само да омекне и да ја промени бојата во потемно зелена. Го вадите, го процедувате убаво, онака со стискање за да излезе цела вода и го сецкате ситно.
    ЗАМРЗНАТ: Го одмрзнувате и го цедите, толку! Исецкајте го ако има потреба.

  2. Во некој мал сад, ставее ги соините трошки, од прилика една шака и полијте ги со врела вода од чешма. Нека има еден прст вода над трошките. По 10 минути ќе ја соберат водата и ќе набабрат. Исцедете ги и нив убаво.
  3. Во друг сад ставете го спнаќот, соините трошки, сирењето, ситно исецкано чешнето лук, едно јајце, малце презла, сол и бибер. Цела оваа смеса убаво измесете ја за да се соединат состојките. Земете еден дел, напрвете ја како топка. Кога ќе пробате да го споите палецот и показалецот и помеѓу нив да има простор 2цм, е толкава треба да биде топката. Сплескајте ја и убаво оформете ја. Tреба да изгледа како пресек на цилиндар. Вака некако.

  4. Така направени ќе ги спремиме за поховање. Ја знаете постапката. Брашно, јајце, презла. Пржете ги во загреан зејтин и по вадењето ставајте ги врз салфета за да се собере мрснотијата.
  5. Во посебна тава во која што нема да ставате ништо налик зејтин, ставете ја сланината и убаво запржете ја.

  6. Земете бургер лебче, долниот намачкајте го со сенф, ставете едно парче кашкавал, плескавицата од спанаќ, уште едно парче кашкавал, сланината, домат, круг кромид и залепете го горниот дел. Е па драги мои, ова е вегетаријанскиот бургер со сланина. Се разбира дека вегетаријанците нема да ја стават. ;)

Препорака:

Правете ги овие бургери за друштво и не го заборавајте помфритот!
10 декември 2015 - 19:45