Телешки бифтек со глазиран морков

Вечера како од ресторан.

Потребни состојки:

  • телешки бифтек
  • морков
  • путер
  • кафеав шеќер
  • лук
  • сол и бибер

Морам да ви објаснам нешто за телешко и јунешко месо. Можеби ви е јасно, но јас секогаш се бунам од проста причина што состојките во главата си ги кажувам на англиски. Ако чуете или прочитате BEEF, прво на што помислувате е телешко. Така?! Е не, BEEF е всушност јунешко и е старо 12 - 24 месеци, има потемна боја на месото или црвена до темноцрвена и поинаква структура. Додека телешкото е теле. Теле, ви текнува?! Мало теленце. Е телешкото на англиски е VEAL. На возраст до 8 месеци, со посветла боја на месо или светлорозева, помеко и без масти. Како и да е, и двата вида на месо се прилично скапи, но и најквалитетни. Збориме за најдобриот дел од месото, бифтек или на англиски Tenderloin.

Чекори за подготовка:

  1. Пред да започнете со каква било подготовка, уклучете ја рерната на 250 степени. Земете го месото и исчитете ги жиличките, ако има потреба. Пресечете две еднакви парчиња. Не се секирајте за остатокот. Можете да го замрзнете и да го употребите за некое друго јадење,  исечено на ленти за со мешан зеленчук или пак за фахитас :). Зачинете го убаво со сол и бибер од двете страни и измасирајте го со љубов.

  2. Во тава за пржење ставете маслиново масло, путер и цело чешне лук. Не треба да го сецкате лукот бидејќи не е потребно да биде толку интензивен, затоа ставаме цело чешне, за да ја пушти само потребната арома. Ставете го месото и пржете го подеднакво од сите страни за да добие убаво карамелизирана обвивка и боја. Пржете го околу 5-7 минути. Извадете го и ставете го во тавата од рерна.

    Печете 15 минути. Со ова време бифтеците ќе бидат испечени медиум или средно печени. Ќе добие добро печена обвивка со црвена и сочна, но никако жива средина. Секој си ја познавава својата рерна и знае како и колку да пече. Доколку не сте сигурни за времето на печење и како да ја добиете температурата на месото што ви одговара, ќе ви кажам еден трик.
    - Подигнете ја десната дланка и држете ја опуштено. Со левата рака допрете го перничето што се наоѓа под палецот. Оваа мекост е всушност месо припремено по температура rare или живо печено. Допрете ги палецот и показалецот, сега мекоста на перничето ќе ви покаже температура на месо medium rare или средно накај живо печено. Палец со среден прст ви покажува medium или средно печено. Палец со досреден прст medium well или средно накај добро и на крај, палец со мал прст well done или добро печен.
  3. Вака, сакам да знаете дека ова не е печено месо, без разлика што го печеме. Печењето е само дообработка на месото. На пример, некои го сакаат бифтекот жив, и за да не биде во средина ладно и необработено ја употребуваме рерната како дообработка на самото месо. Се разбира во тој случај ќе го печете со помало време. Одиме понатака.

    Додека се пече месото, исчистете ги морковите и ставете ги да варат 5-10 минути. Ви препорачувам да купите млади моркови или помали и потенки. Во тава ставете 3-4 големи лажици кафеав шеќер, 50 грама путер, сол и бибер. Чекајте убаво да се растопи, а во меѓувреме исцедете ги морковите и ставете ги во растопената глазура. Убаво промечувајте ги за секој посебно да добие убава обвивка. Тоа треба да трае околу 5 минути. Вака добивме глазирани или карамелизирани моркови.

  4. Месото е готово. Морковите се готови. Послужете ги во голема бела чинија. Пробајте морковите да ги наредите некако еден врз друг. Убаво да изгледат. Може да додадете и микро салата (мал додадот). Онаа што јас ја направив е бејби рукола (ја има во маркетите. чиста и  пакувана во ќеси), маслинов, бел балзамико и бадем. Вие може да направите некоја по ваш избор, само - аман! -  да не е шопска. Послужете и бидете горди на вашето јадење како од ресторан.

     

Основна намена:

To impress someone! <3
19 декември 2015 - 14:36