Паста "Карбонара"

Не се може без сланина!

Потребни состојки:

  • Паста (по правило се шпагети)
  • сланина
  • 2 јајца
  • пармезан
  • пекорино (или овчи кашкавал)
  • путер
  • сол и бибер

Ако не сте приметиле до сега, а сте требале бидејќи ве утепав со рецепти со сланини, кај мене во фрижидер секогаш има.

Нешто чуден ден беше, ми се јаде, а не ми се јаде.

Сакам нешто лесно и брзо, а не сакам да нарачувам пица (дека најлесна). Па си велам, дај ќе направам некоја паста. Отварам фрижидер, сланина нормално, гледам јајца имам и пармезан исто така. Ќе бидам искрена, пекорино немав, по правило тoj оди во пастата, па ставив овчи кашкавал. Не е ништо страшно, со тоа што Пекориното е всушност овчо сирење. Многумина го мешаат или изјавуваат "Де бе пармезан, пекорино исто ти е". Е па, не е. Или што би рекол Ремзи "Е овака, овчо сирење директно од кравјо". :)))

Нејсе, рецептов е брз и супер вкусен!

Чекори за подготовка:

  1. По правило, оваа паста се прави со шпагети, но бидејќи немав, јас ставив фарфале (машнички). Во посебен сад ставете ги да се варат, но во водата додадете малку сол.
  2. Во меѓувреме, исецкајте ја сланината на ситни ленти и пропржете ја.

  3. На страна во некое тањирче, изматете ги јајцата, изрендајте го пармезанот, исто и овчиот кашкавал и зачинете со сол и бибер.

  4. Ова е многу важно. Ќе видите на пакувањето од пастата колку треба да ја варите. Моиве требаше 10 минути. На една минута пред да ги тргнам, ја исцедив водата, но не цела. Оставив многу малку, колку да не загорат кога ќе ги вратам на оган повторно. Им додадов една лажица путер и сланината. 

  5. Промешајте убаво и ќе видите како самата вода што ја оставивте ќе станува кремаста. Мешате една минута само, инаку ќе ја преварите.
  6. Тргнете го садот од оган и веднаш додадете го јајцето. Промешајте убаво. Од самата топлина на пастата, јајцето ќе се зготви колку што му е потребно.

  7. Послужете веднаш и уживајте во вистинска паста "Карбонара". 

Општо:

Оваа паста често ја прават со павлака за готвење, можете и вие, но нема да биде "Карбонара" туку паста со бел сос и сланина.
6 јуни 2016 - 10:42