Особуко

Телешка коленица со напречен пресек

Потребни состојки:

  • 2 пресека на коленица
  • 1 црвен кромид
  • 1 морков (10 бејби)
  • 2 стапчиња целер
  • 1 чешне лук
  • зачин Провенсал
  • брашно
  • доматен концентрат
  • ворчестер
  • 150мл бело вино
  • 200мл супа

Ок, признавам дека ова јадење е за поладни денови ама едноставно не можев да се воздржам. Се мислев што да правам за ручек и кога го видов месото го чув како ми вели "купи ме, купи ме"!

Прво да ви објаснам за самиот пресек. Телешка коленица напречно пресечена. Специјалитет од Милано, кој најчесто се служи со рижото "Миланезе". Јас го изменив малце и наместо со рижото, го направив со пaлента. Не дека не се служи и вака, ама одбрав пaлента од проста причина што се прави за 2 минути наспроти рижотото за 40. Башка ТОПЛО Е! Одиме пoнатака -  зошто Особуко или Ossobuco? На италијански, osso - коска, buco - дупка или коска со дупка. Кога ќе го видите пресекот, ќе забележите голема коска на средина, при самото готвење сржта се топи и останува само коската со дупка во средина. Логично, нели?

Како и да е, се препотив при спремање, но се исплатеше за секој залак!

Чекори за подготовка:

  1. Исецкајте го морковот и целерот на ситни парчиња и тргнете ги на страна.
  2. Земете го месото и со хартиен бришач избришете ја крвта од него. Зачинете го со сол и бибер и намачкајте го со масло.

  3. Ставете тава да се загрее, нема да ставате масло. Ќе чекате да се загрее додека не почне да чури истата. Ставете го месото, веќе има масло на него.

  4. Го пржите од едната страна додека не потемни малце и превртете го на другата. 2-3 минути.

  5. Кога ќе биде готово, ставете го во керамичка тава, додадете поголеми парчиња морков, гранче рузмарин врз него и ставете го на страна.

  6. Во меѓувреме, исецкајте го кромидот и лукот, и заедно со морковот и целерот ставете ги во тавата каде што го пржевте месото. Додадете малце масло и сол.

  7. Кога ќе омекне зеленчукот, ставете една лажица ворчестер сос и промешајте. Додадете го виното и чекајте додека не испари алкохолот.

  8. Откако ќе испари, додадете една лажица доматен концентрат и повторно промешајте.

  9. Додадете една лажица брашно.

  10. Откако убаво ќе измешате додадете ја супата. Мешајте додека не се згусне, самото брашно ќе го направи тоа.

  11. Кога смесата е готова истурете ја во тавата врз месото.

  12. Тавата ќе ја покриете со фолија и на средина ќе направите две дупки за да излага пареата. Во веќе заграна рерна печете на 160 степени, 90 минути. (знам, и јас се утепав од чекање). Извадете ја и оставете да здивне малце.

  13. Во меѓувреме направете ја палентата и почнете да сервирате. Верувајте, вреди секој залак. 

Хинт:

Сето ова можете да го припремите во експрес лонец за побрзо :)
24 јуни 2016 - 10:51