Нудли со зеленчук

Ова е најбрзиот ручек што може да го направите!

Потребни состојки:

  • 3 ќесички инстант нудли
  • печурки
  • брокула
  • тиквица
  • морков
  • пченка
  • соја сос
  • јаворов сируп (мед замена)
  • ворчестер (ако имате)
  • чили во прав (по желба)

Ви се случило некогаш да видите некоја си храна на филм и инстантно да ви се пријаде тоа што го гледате?! Е па, мене тоа ми се случи! Си гледам филм, поточно серија и одеднаш на луѓево во серијава им стига достава на храна. Ако сте приметиле, секогаш доставата е или пица или кинеско нешто. Овојпат беше кинеско, поточно нудли. Како ги видов нудлите, онака убаво спакувани во четвртасти картончиња што само ги отвараш и од истите си јадеш, така во истиот момент ми се пријадоа. Па така, ја довршив епизодата и се упатив до најблискиот маркет по намирници. Си се вратив дома, ги спремив буквално за 15 минути и си седнав да си ја догледам серијата на раат, уживајќи во нудлите.

Чекори за подготовка:

  1. Прво, ќе го припремите зеленчукот. Исецкајте го морковот на стапчиња, исецкајте ги печурките на пола или доколку се поголеми, на четвртинки, исечете ги гранчињата на брокулата и тиквицата на кругчиња па на половинки. Пченката си е спремна сама по себе. Ова беше мојот избор на зеленчук. Се разбира вие можете да ставите нешто по ваш избор.
  2. Ќе ги отворите пакетчињата нудли, тоа се оние што се 15-20 денари и ќе ги искористите само нив. Без зачините што се во ќесиче спакувани заедно со нив. Тие можете да ги фрлите. Зовријте вода, доколку имате катлер (сад за брзо зовривање на вода, зовријте ја таму) и попарете ги нудлите. Покријте ги и нека седат така 5-10 минути.
  3. Запржете го зеленчукот, не го препржувајте, поубав е кога крцка малце. Ставете му малце сол за да ја испушти водата што ја содржи. Додадете соја сос, јаворов сируп и многу малку ворчестер сос. Промешајте и нека се крчка 4-5 минути.
  4. Додадете ги нудлите, промешајте ги убаво за да се натопат во сосот и послужете! Мњам!

Хинт:

Исецкајте свинско на ленти, запржете го и додадете го во нудлите.
22 март 2018 - 11:43