Потребни состојки:
- 1 кокошка
- 2кг морска крупна сол
- 3 белки
- сладок компир
- компир
- путер
- млеко
Имам едно прашање. Добро бе, дали само јас сакам волку многу да јадам?! И не само што сакам да јадам, туку и уживам до бескрај додека го правам тоа. Со ммм-кање, со губење од убаво, со “после ова може да умрам“ (оваа изрека најмногу ја кажуваат Шпанците после добар оброк, а јас си ја кажувам после секој!) Е, до толку ми е убаво!
Познавам еден постар господин, кој исто така е голем љубител на храната, што секој ден, секое сабајле трча по 5км само за да може да јаде дента. Мислев дека е малце ван памети, но како што поминува времето, како што течат годините, мене ме втаса неговиот принцип на живот. Немој случајно да помислите дека секој ден трчам по 5км! НЕ! Боже пази! Туку, почнав со видеа кои траат по 25 минути. Мислам дека е доволно за еден ден. Почнав вчера, за денес не сум сигурна, ми се воспалија сите мускули! Но, мислам дека треба да продлжам, зошто ако не продолжам, ќе почнам да се тркалам!
Им завидувам на оние што цел живот имаат иста тежина, а притоа јадат се што ќе им душа посака и НЕ ВЕЖБААТ за да си ја одржат истата!
Чекори за подготовка:
- Во голем сад истурете ја солта и ставете ги белките. Промешајте убаво за да ја нанесете белката на цела сол. Треба да добиете смеса како мокар песок.
- Во огноотпорен сад, керамика или стакло, доволно голем за да ја собере кокошката, ставете од солта за да го покриете цело дно.
- Ставете ја кокошката, со градите нагоре, и со останатата сол заѕидајте ја цела.
- Во веќе загреана рерна на 180 степени, ја ставате на средина и печете 1 час и 15 минути. Појачајте ја на 200 степени и печете уште 15 минути. Во меѓувреме, ставете го компирот да се вари. Јас ги ставив одвоено, од причина што слаткиот компир се вари за многу пократко време.
- Откако ќе се сварат, можете да ги споите, а можете и посебно да ги направите како пире. Пире знаете како се прави, во компирот додавате путер, сол и млеко. Со миксер матите додека не добиете мазна пиреста смеса. Чувајте ги на страна додека не ја послужите кокошката, која треба да изгледа вака (потемнете солта) кога ќе ја извадите.
- Откако ќе ја извадите, нека одмори 15 минути, а потоа со нешто тврдо искршете ја солта. Ќе приметите дека е буквално зацементирана. Растргајте ја солта и навалете!