Потребни состојки:
- маскарпоне 500 г
- павлака за готвење 400 мл
- шеќер во прав 300 г
- пишкоти
- еспресо
- рум
- цимет
- какао
- лимон
Признавам дека не е оригиналниот рецепт, но е многу добар. По правило, рецептот има жолчки што се прават на пареа. Бидејќи ова го правев за кај мајка ми во хотел во Галичник, за да го избегнам ризикот, бидејќи ќе им се служи на гостите, го направив по мое.
Имам впечаток дека за овој десерт има поделени мислења, т.е. или го сакаш или не го сакаш. Не постои она "ми се јаде нешто благо, дај тирамису", како во случај со чоколадата, каква и да е. Според мене, мислам дека е поради кафето.
Чекори за подготовка:
- Во еден сад ставете го маскарпонето и додадете пола од шеќерот. Додадете и една лажичка цимет. Доколку не поднесувате цимет (како сестра ми на пример), не мора да го ставате. Изматете го убаво за да се соедини и тргнете го на страна.
- Во друг сад ставете ја павлаката и другата половина од шеќерот. Нема да ви се направи како шлаг, не се плашете, но убаво ќе ја заблажите павлаката. Имате и варијанта да го направите со слатка павлака. Мене тоа прво ми се фати :)
- Со миксерот на најспоро матете го маскарпонето и полека додавајте ја павлаката. Откако ќе добиете убава смеса, изрендајте ја кората од лимонот за да добие една цитрусна нота. Ставете го во фрижидер додека да ги спремите пишкотите.
- Одберете сад за служење по ваша желба, убаво би било да е проѕирен. Во некое чинивче ставете го кафето со една лажица рум. Имајте повеќе кафе, бидејќи пишкотите многу впиваат. Натопете 2-3 пишкоти, за едно служење, и наредете ги на дното.
- Извадете ја смесата од фрижидер и редете ја врз натопените пишкоти. Убаво би било да ја наредите до врвот на садот и да ја измазните. Доколку ви е подлабок садот, не ставајте многу, т.е. до врвот од смесата, бидејќи е прилично силна на вкус.
- Ставете го какаото во цедалка и наросете одозгора.
- Ставете ги околу 30 минути во фрижидер пред да послужите. Уживајте!