Потребни состојки:
- 5 јајца
- 4 лажици шеќер
- 3 лажици брашно
- 2 лажици какао
- 1 прашак за пециво
- 600 гр. темно чоколадо
- 150 гр. путер
- 500 мл. слатка павлака
- 1 желатин
Св. Трифун или Св. Валентин?! Ги знаете приказните и за двајцата така да нема потреба јас да објаснувам. Она што сакам да ви раскажам е мојата приказна за овој ден.
Бевме многу мали, 7мо или 8мо одделение. Возраст во којашто хормоните започнуваат со својата работа. Друштвото ми беше големо, бевме околу десетина деца. Секој на секого му се свиѓаше и тоа секоја недела различно. Денес ми се свиѓа оној, утре друг. Деца!Беше недела сабајле. Шетајќи низ мојата соба, слушнав како некој вика по мене. Така се комуницираше порано, со дерење од под балкон. Излагам и ги гледам собрани неколку другари и другарки: "Ајде симнувај се, ќе одиме во центар овој заљубениов да купи поклон". Имавме еден пар што се држеа за рака веќе недела дена.
Секогаш се возевме во задниот дел од автобусот. Од нигде никаде почна да ми се допаѓа едно момче. Најверојатно беше кога нагло закочи автобусот. Она кога ќе се бутнеш во некој и оп - ти се засвиѓува.Шеснаесет милиони прашања ми се појавија во главата. Стигнавме на нашата станица, на Рекорд. Од семафорите па се до Дал Фуфо, денешна улица Македонија, тезги и џиџи миџи колку што сакаш. Шетаме и бираме сите заедно. Наеднаш, оној што ми се засвиѓа, од нигде никаде ми се врти и со сјај во очите ми вели: "Те молам позајми ми 50 денари, не можам да ти кажам зошто". Аууу си велам, дали тоа мене ќе ми се случи романтика. Го гледам оди на тезга, купува ланче, се врти кај една другарка и' вели "Хепи Валентајн" и го става ланчето и ја бакнува во образ. Не беше толку трагично, не се секирајте :) Останавме сите пријатели, никој со никого не се венчаше подоцна. Она што ми се допадна тој ден е всушност храброста на другар ми, понесен од љубовната еуфорија. Најверојатно, да беше друг ден, можеби и немаше да се случи.
Затоа денес, бидете храбри и засукајте ракави за оваа неописливо вкусна чоколадна торта!
п.с. Извинете што нема слики во чекорите за подготовка, ептен се занесов и заборавив.
Чекори за подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Со миксер ќе матите кратко, додека добиете еднолична смеса.
- Брашното, какаото и пецивото ставете ги заедно во друг сад и промешајте да се соединат.
- Во изматените јајца, преку сито постепено додавајте од сувата смеса и мешајте со рачна маталка или дрвена лажица, никако миксер!
- Намачкајте го со путер калапот за торта (оној што е со механизам и му се вади горниот дел) ставете ја смесата и печете ја 15 минути на 180 степени.
- Откако ќе се испече тестото, го оставате да се излади во самиот калап. Додека се лади, го ставате чоколадото заедно со путерот и го растопувате на пареа. Го тргате на страна да се олади.
- Во друг сад ставете ја слатката павлака да се загрева на тивко. Земето го желатинот, ставете го во лонче, растворете го со 5 лажици вода и чекајте додека не нарасне. Откако ќе нарасне, загрејте го на ниска температура за да се растопи.
- Растопениот желатин го ставате во слатката павлака што е загреана и мешате за убаво да се соедини. Павлаката не смее да зоврие! Ја тргате смесата од оган и постепено ја додавате на веќе оладеното чоколадо. Со константно мешање ќе добиете убав и мазен фил или стручно кажано ганаж.
- Во калапот со веќе оладеното тесто го истурате целиот фил и го ставате во фрижидер за да се здрви. Најмалку 5 саати, а најубаво е да го оставите преку ноќ.
- Откако ќе се олади убаво, со тенок и навлажнет нож поминете по работ на цел калап за убаво да се одвои. Пробајте да го тргнете и долниот дел, но доколку не можете нека остане, не претставува никаков проблем. Декорирајте како што вие сакате и уживајте со вашите љубени!