Паметни начини да бидете мрзливи

Во основа, паметно е човек да се обиде да биде малку помрзлив. Мора да има начин да се работи и да се одмара.

За повеќето луѓе, мрзливоста е нешто што треба да се надмине. Тоа не важи баш за анксиозните перфекционисти. Затоа што, дури и кога знаеш дека работата ти е завршена, цело време те следи некое чувство дека можеш уште да работиш: ако не пишуваш, тогаш истражуваш, планираш или одиш во теретана, или чистиш. Добрата страна на ова е што си продуктивен и исполнителен. А сепак, недостасува задоволство од тие достигнувања, плус за пет минути почнуваш да чувствуваш вина што не си се зафатил со нешто друго.

Во основа, паметно е човек да се обиде да биде малку помрзлив. Мора да има начин да се работи и да се одмара. Совети за ова има Сенди Ман, психолог и автор на „Позитивната страна на одморот”, односно The Upside of Downtime, и Џеј Дерик, асистент по психологија на Универзитетот во Хјустон која ја има проучувано моќта на гледањето телевизија при обновување на енергија (најозбилно).

Закажете си мрзливост

Дел од причините што анксиозните не се снаоѓаат со одмарање е затоа што не се смета за паметно поминато време. „Ваквите луѓе се чувствуваат виновни ако не прават нешто конструктивно или корисно,” вели Ман. „Имаат навика постојано да прават нешто. Мораме да ги убедиме дека и релаксирањето е правење нешто и дека е навистина многу корисно.” Со други зборови, ако можеш да се убедиш себеси да се опуштиш, чисто заради опуштање, тогаш направи го тоа, затоа што е добро. Релаксирањето може да ја подобри продуктивноста, па означете го вашето време за одмор како работа, ако морате. „Треба да си закажуваме одмор, што би овозможило умот да залута и да размислува,” вели Ман. „Закажете си слободно време и планирајте како ќе го искористите: на пример еден час вежбање, еден час телевизија, еден час губење време на социјални мрежи, и така натаму.” За да бидете мрзливи, направете го тоа за кое најмногу ве бива: планирајте.

Не го мешајте „важното” со „итното”

Понекогаш имаме чувство дека не можеме да се опуштиме затоа што секогаш имаме уште нешто на список. За ова, Дерик расправа дека многу луѓе го мешаат она што е важно со она што е итно. „Може да ви е од помош ако направите список на задачите што ги имате и да процените кои се неважни и неитни, кои се неважни но итни, па важни но не итни и важни и итни,” вели таа. „Погледнете го напишаното под 'неважно': Кое може да почека? Кое може да се пречкрта? Кое може да се направи не-баш-толку совршено? А потоа, погледнете што пишува под 'важно'. Сигурно ќе најдете начин да ги завршите прво итните.”

Сè додека ги бркате итните и важните работи со време, а имате некоја рамка за неитни и неважни што треба да се завршат во иднина, на добар пат сте. Нема смисла да си го трошите времето за одмор грижејќи се за нешта кои не влегуваат во ниедна категорија од овие.

Редефинирајте ја мрзливоста

Дерик предлага фокусирање на хобија или активности кои ви ги полнат батериите, без разлика дали физички или емотивно. Да изгледуваш цели серии е во ред, ама не е секој binge ист. Попаметно ви е да гледате омилена тв-серија каде што наративот ве влече, отколку да сурфате по канали. Ако на пример, скролање по Инстаграм ви дава енергија - тогаш слободно, но ако не - престанете веднаш. Оставете го телефонот и бидете подобри во мрзливоста, на пример со гледање филм или омилена серија.

Исто така, личната мрзливост одвреме-навреме е добра и за луѓето околу вас. „Ако влегувате во активност што не е врзана со работа за да наполните батерии, тогаш тоа е добро и за вас, и за работодавачот, семејството и генерално за општеството,” вели Дерик. Но сепак е во ред, дури и кога е само за вас. Не мора сè што правите а биде во корист на повисока цел. Не мора се да биде оценето од работодавачот, семејството или вашиот критериум.

Во ред е, понекогаш, да не правите ништо, без никаква причина.

Види и:

Капитализмот сега бара од вас да бидете (малку) мрзливи

и

Родени сме да бидеме мрзливи

9 март 2018 - 12:47