Вакцинирани писма на читатели

Јасно, гласно и недвосмислено: никој не смее да биде принуден на било каков медицински третман без негова согласност. Оваа констатација се темели на основносто човеково право на телесен и физички интегритет. Но, додека контра-вакцинашите во моментов извикуваат "Ете!", стрпете се малку да објаснам што во суштина значи "право", како со негова помош се доаѓа до правда и со што е "ограничено".

За правото, изборот, одговорноста и вакцините
Во последно време, мошне е актуелно прашањето за задолжителна имунизација на населението во Македонија, и воопшто имунизацијата на луѓето во светот. Ако тргнете да истражувате на интернет, ќе најдете безброј информации, студии, заклучоци од студии, предавања, видео клипови и други материјали кои ќе сакаат да ве убедат дека вакцинацијата е ужасна закана по здравјето на вашите деца и врвна теорија на светски заговор, додека други ќе ве убедуваат дека вакцините се сосема безбедни за употреба.

Јас нема да дискутирам за медицинските аспекти на имунизацијата. За тоа треба, и очекувам, аргументирано да разговараат лекарите, соочувајќи ги своите тези. Сепак, во опсежната јавна дискусија на оваа тема, поборниците против задолжителна (или било каква) имунизација, многу често се повикуваат на "правото на избор" и "социјалната (не)одговорност". Затоа, сметам дека е исклучително важно за ова прашање покрај лекарската фела да дискутираат и правниците и социолозите.

Најнапред, да зборуваме малку за правото и изборот. Јасно, гласно и недвосмислено: никој не смее да биде принуден на било каков медицински третман без негова согласност. Оваа констатација се темели на основносто човеково право на телесен и физички интегритет. Но, додека контра-вакцинашите во моментов извикуваат "Ете!", стрпете се малку да објаснам што во суштина значи "право", како со негова помош се доаѓа до правда и со што е "ограничено".

Пред извесно време во една од неброените статии, дописи, писма и коментари што ги прочитав, ми запна за око една констатација од родител кој вели дека "неговата општествена одговорност завршува кадешто завршува и неговиот епидермис". Сепак, истиот овој родител, мошне веројатно, не живее во изолирана прашума во шатор во Африка, не ја лови или одгледува својата храна, не собира дождовница за пиење и не ги школува сам своите деца. Живее во уредено општество, во неодминлива симбиоза со останатите, користи патишта, здравствени услуги во јавно здравство, посетува судови, шета по паркови, децата му учат во државни училишта.... Сакале или не, сме го потпишале Општествениот Договор на Жан Жак Русо ( "родени сме слободни, а сепак секаде сме во окови") според кој, извесни наши лични природни права, ние ѝ ги отстапуваме на државата во која живееме, а за возврат таа нам ни гарантира одредени други права, слободи, безбедност и сигурност. Во рамки на тие гаранции, државата сосема легитимно треба (има обврска) да препорачува систематска имунизација на своето население, за доброто на поединецот и на заедницата.

Секако, имате право на избор, но ако решите да не го вакцинирате вашето дете против морбили, тогаш, ако ги добие, немојте да се повикувате на вашето право на здравствено осигурување и да чекате во чекалницата на вашиот матичен лекар за преглед, бидејќи покрај вас може да седи мајка со стуткано новороденче, чекајќи да го измерат и да му ги издозираат милилитрите вештачкото млеко со кое мајка му треба да го храни бидејќи не го дои, затоа што не го родила туку го посвоила, и чиј имунитет сè уште не е зрел да се избори со морбилите со кои може да се зарази од вашето дете, а кои за него можат да бидат фатални. Оп стоп! Посвоено е, не е доено, нема имунитет од мајчино млеко! Немојте да го пуштате во училиште, повикувајќи се на правото на образование, бидејќи во клупата до него може да седи ХИВ позитивно детенце кое заради својот компромитиран имунитет не смее да прима вакцини. Дечињата од обата примера зависат од колективниот имунитет, таканаречен имунитет на стадото. Правото бездруго го имате, плаќате секој месец за здравствено осигурување нели? Имате право (а и обврска) да го вклучите вашето дете во образовниот процес, образованието и за вашето дете е задолжително. Но одговорно ли е?

Ако се сетите на изгледот на божицата на правдата Тема, ќе се сетите и дека носи превез преку очите и кантар во рацете. Не ја интересира кому ја мери правдата, но секому му дава подеднакво. Секое право има своја противтежа, за кантарот да биде во рамнотежа. Противтежата е секогаш одредена обврска, одговорност. Ако решите да не му ја дадете вакцината на вашето дете, направете го тоа свесно и одговорно. Притоа, свесноста и чувството за одговорност проширете го на заедницата, на колективот на кој припаѓате, чиј дел сте, и од кого, конечно, и зависите. Моето право не смее да го загрози твоето право. Тоа е неговата граница.

Јас имам многу пријатели чиј избор е невакцинација, и го почитувам нивниот избор и нивните аргументи. За волја на вистината, и самата размислувам дали на моето девојче кога ќе дојде време ќе му дозволам да ја прими вакцината против ХПВ. Од лични причини, како што се и вашите. Но, истовремено сум свесна дека ако не-дај-боже и е потребен медицински третман заради нешто кое би било избегнато кога би ја имала примено вакцината, тој третман нема да биде на ваш товар, нема да му се обратам на фондот за здравствено осигурување, туку трошокот (заедно со ризокот) ќе го понесе моето семејство (и таа). Ете, тој е резонот.

Ана Черепналковска

 

7 февруари 2015 - 14:12