Родителско-полициски писма на читатели

Посебно ме израдува што веројатно е дека имаме ние и тоа како добри професионалци во МВР, кои многу убаво ги лоцираат проблемите. Тие во суштина нè молат нас родителите и нè едуцираат како да превенираме. Прашање е дали НИЕ сакаме да читаме и да засукаме ракави па да работиме со децата.

Оф.Нет,

Еве чисто пример од Извештај од Совет на Родители во едно скопско ОУ, кое ни го пренесе нашиот претставник од класот, во вибер групата на одделението.

Не земајќи ја во предвид нерафинираноста на извештајот (уште тоа да прави човекот, не е ова официјален записник) она што посебно ме израдува е што веројатно е дека имаме ние и тоа како добри професионалци во МВР, кои многу убаво ги лоцираат проблемите. Тие во суштина нè молат нас родителите и нè едуцираат како да превенираме. Прашање е дали НИЕ сакаме да читаме и да засукаме ракави па да работиме со децата. Уствари што се правам паметен, стара педагошка изрека е дека: „Децата се огледало на родителите“

Почитувани родители, на денешниот состанок на Советот на родители беа разговарани следните работи:

1. На состанокот беа присутни претставници од МВР (детска деликвенција). Нивното присуство беше информативно превентивно, како дел од нивната редовна соработка со основните училишта. Од нивна страна беа препорачани следните работи:

• Родителите да поминат повеќе време и повеќе да разговараат со децата секој ден не само за учење туку и што се случува на училиште, надвор од училиште, дружењето со другите деца итн.
• Кавги, закачки, несогласување па дури и по некоја тепачка помеѓу децата од секогаш имало и секогаш ќе има. НАЈВАЖНО е родителите да разговараат со своите деца, но за да добијат вистинска слика за настаните и со нивните другари затоа што често децата знаат од страв од своите родители да ја извртат приказната со цел да избегнат вина. Претставниците на МВР препорачаа, секогаш проблемот да се дискутира во кругот на класот, стручните служби, потоа Советот на родители и Училишниот одбор. НИКАКО родителите да се упатуваат во Полициска станица директно затоа што тоа претставува стрес и доживотно негативно искуство за децата (двете страни) и одењето во станица и давањето на изјави.
• Во некои случаи на булинг и закачки од полицијата известија дека причина е и лошиот изговор на децата и нивно исмевање од страна на други деца. Во вакви случаи важна е поддршката на родителите, разговорот со другарите и посетата на логопед. Не во насока да се навреди детето туку во насока да се подобри и спречи идно исмевање. Овој процес треба да се претстави горделиво а не во форма на казна или излекување на проблемот.
• Игрите на компјутер и телефон на кои децата минуваат со саати се најголемиот причинител на нетрпение, безобразни зборови, навреди, пцовки и понижување. Најчесто времето поминато на компјутер и телефон е изговор или причина за НЕУЧЕЊЕ и користење на англиски фрази и зборови во говорот. Се препорачува до родителите да спречат „ЗАБЕГУВАЊЕ“ на децата во користеењето на телефон и компјутер за играње (насилни) игри, гледање на содржини со несоодветна па дури и навредлива, бизарна или содржина за возрасни.
• Од МВР упатија на фактот дека во последно време децата сè повеќе се фалат или се арогантни поради тоа што имаат СВОИ ПРАВА, притоа никогаш не ги коментираат или се свесни за сопствените обврски како деца и ученици.
• Користење на социјални медиуми, сликање и размена на фотографии со недолична содржина е една од главните работи на кои родителите треба да внимаваат. Во училиштето веќе имало случај каде што ученик/ученичка испраќале или споделувале непристојни лични фотографии. Ве молам да разговарате со децата во насока на подигање на свеста за можна злоупотреба на фотографии а не во насока да ги прашувате дали знаето кој е ученикот или која е ученичката.
• Од одделението на МВР кое работи со деца нè покануваат да им се обратиме за секаков проблем со цел соодветно разрешување на проблемите
• Едукација за почитување на авторитет кај децата и претставување на родителот како најголем авторитет.
• Се разговараше и за искуството на МВР во конзумирање на алкохол кај поголемите деца, каде што најчеста причина за правење глупости кај децата е пијанството, незнаењето да се пие, мешањето на пијачки, лошото дозирање, чаламењето, демек некој знае или може да пие.

Р. J.

п.с. Свесен сум дека ако објавите, едните ќе го споделуваат како демек они дошле па ја оправиле работата, другите ќе речат ете офф.нет тера скриена пропаганда, одработува за небањативе. Ама не сме сите НИЕ нит од едните, нит од другите, нит од третите, само сакаме нормална средина за нашите деца. 

6 февруари 2025 - 10:26