Повод: Искричави писма на читатели
Здраво Трендо и Оффнет публика,
Пишувам во врска со еден проблем кој беше адресиран до вас, а е во врска со вториот најславен оџак периодов, после ватиканскиот - оној на нашата пицерија, Мама Италијана. Па и ние сакаме да дадеме одговор на обвинувањата кон нас упатени од загрижениот сосед.
Од летото 2024 ние сме сопственици на нов деловен објект на улица Франклин Рузвелт бр.15, кој ги задоволува сите стандарди и прописи, по закон, за да ја вршиме нашата дејност. Проверено и препроверено. А и дејноста ја знаете, можеби и сте ја пробале.
Тука позицијата на еден или некои од станарите (бидејќи повеќето, со кои и сме контактирале, се фини и разбрани луѓе) дека не постои одговор од надлежните институции не е точен, бидејќи секаде нè пријавувал/е по повеќе пати и секогаш институциите излегувале на терен и утврдувале дека - сè е по пропис и закон. Вчера имавме друштво од пазарниот инспекторат на град Скопје. Завчера од пазарниот инспекторат на општина Карпош. Денес повторно градските. Бараа дали имаме сокриени вилушки и лажици, за да вршиме дејност и на тераса, која ја немаме. А не пријавуваат дека сме ја имале. Исто така дошле и по пријава дека имаме и дека служиме алкохол после 12 часот - а немаме и не служиме :) Толку често доаѓаат по пријави на незадоволниот комшија/и што и без да сакаат ќе научат пици да прават уште малку.
Нејсе, одговори од секоја институција има, а тоа е дека по сите извршени контроли од сите надлежни институции, утврдено е дека ја поседуваме сета потребна документација и дека работиме во склад со законот на секое поле.
Кога велам „сите контроли, сите институции“, мислам на следново: во периодот од јануари 2025 до денес во нашиот објект инспекциски надзор извршиле УЈП, трудова инспекција, пазарна инспекција, агенција за храна и ветеринарство, градежна инспекција, комунална инспекција, инспекција за домување, инспекција за заштита на животната средина, дирекцијата за заштита и спасување, па ДУРИ и агенцијата за заштита на лични податоци (поради надворешната безбедносна камера, зборам за нашата, не за папарацо-камерата на комшијата која не подлежи на овие закони).
Од сите инспекции ни беа побарани соодветни дозволи, елаборати, решенија и мерења (вклучувајќи и мерење на издувни гасови на оџакот - и тука поминавме со одличен 5) и сите уредно се доставени до институциите.
Ние работиме на истиот начин веќе 13 години и сме семејна фирма која вработува меѓу 25-30 луѓе.
Кај нас работат претежно млади луѓе и бизнисот го водиме многу одговорно, пред се поради нашите морални принципи и во склад со законите на Република Македонија.
Е сега, поради контекст - малку бекграунд.
Ние како сопственици, лично на станарите од зградата, на состанок со цел куќен совет, уште пред да почнеме со работа, побаравме состанок каде им понудивме конструктивно и идеално решение за нашата вентилација - бидејќи не смееме да ја користиме вентилацијата од зградата, иако се наоѓаме во самата зграда. Доставивме проект за изведба на вентилација по фасадата од овластено проектантско биро и кој би бил целосно платен, нормално, од наша страна. Проектот беше одбиен со јасна порака дека тие (под тие повторно не мислиме на сите, туку дел станари кои вршат притисок врз другите станари) нема да дозволат тука да има пицерија и ќе направат сè што е во нивна можност да нè спречат да вршиме дејност, иако им напоменавме дека локалот е во наша сопственост. Односно, не може да нè избркаат од нешто што е наше, сме го платиле со пари - и дополнително - не го кршиме законот по никој основ.
Од тој ден, секојдневно се соочуваме со вознемирувања, клевети, закани, пријави од страна на гореспоменатиот/те.
Од општината ни беше потенцирано дека вентилациониот канал не смее да биде поставен на фасада од зграда без согласност од станарите, а мора да го имаме, односно имаме право да имаме вентилација. Чаре? Да изведеме вентилационен канал низ наш прозор, кој завршува со оџакот кој го гледате на видеото кое ви го пратиле. Патем, низ тој канал цело време излегува водена пареа, бидејќи гасовите од фурната за пици поминуваат низ воден филтер - скрубер. Патем, решението какво што го предложивме (со оџакот над кровот) постои насекаде низ Европа, најмногу низ Италија, па дури и во заштитените зони на градовите со цел да се задржи автентичниот начин за печење на пица во фурна на дрва, а воедно и да се заштити животната средина.
На видеото кое ви го пратиле има „оптичка илузија“, односно впечаток дека оџакот е веднаш до дрво, кое може да се запали од искрите. Праќаме материјал на кој ќе се види дека не само што оџакот си функционира согласно закон, туку и дрвото не е баш веднаш до него. А и плодовите на дрвото од видеото сега ги нема, што значи дека видеото е снимено одамна, којзнае во какви околности.
Инаку, во однос на пријавите уште неколку редови: ги има доста, лажни, во полиција, веројатно со цел да се изврши дополнителен притисок врз нас и нашите вработени. Не знам дали постои законска регулатива со која би можело да се спречи или осуети вакво вршење на притисок, но е штета што тоа се прави врз компанија која чесно и поштено работи во оваа држава. Повеќе од 10 пати дошла полиција по пријави за наводно нарушување на јавен ред и мир. Еднаш дојдоа за монтажа на клима уред, во петок во 10 часот наутро. Не знам кога треба да се монтира клима уред, ама сигурно не е по 16 попладне или во 3 наутро. Дури и началници нè контактирале, да одиме во станица, да даваме изјави, бидејќи и кај нив има нервоза од постојаните пријави. Доаѓаат и не наоѓаат ништо, бидејќи пријавите се како гореопишаните. А ако не дојдат, пак се кабает. Беља работа. Маалски непријатели бр. 1, дечките кои прават добри пици веќе 13 години. Инаку да, и на претходната локација каде бевме кираџии имаше оџак, но не беше актуелен сето ова време. Дали има врска со изборите на папа во истиот временски циклус, кој би знаел да каже :)
Сите инспектори бараат документи кога ќе дојдат, и кога ќе им ги дадеме сите се чудат и дури и некои од нив се и нервозни, прашувајќи „од каде ви се документиве?“. Бидејќи тргнуваат од стартна точка дека има пријава од граѓани/комшии, дека немаме дозволи, дека немаме документи, елаборати, дури и дека е дивоградба локалот (од луѓе кои живеат во истата зграда во која е локалот). Едноставно, не сакаат да се најде решение, било какво. Ние не сме тука за година-две, го купивме просторот минатата година и тука ќе останеме.
Што да кажам повеќе... освен - тоа е тоа. Доволно е. Време е да планираме пици за утре и да се подготвиме за наредната инспекција.
Со почит,
Благоја Локвенец
сопственик на Мама Италијана