Процесни писма на читатели

Го паметите осудениот на затвор за кражба на ќебапчиња во Велес? Е па, додадете уште еден таков јунак: осуден за кражба на самоникнато дрвце борче а притоа човекот (јас) наводно сум го сторил делото "кражба" преку дејството "стоење", без притоа да имам никаков физички контакт со "украдениот" недвижен предмет.

Инспириран од вестите пренесени за неправдите кои ни се дешаваат секојдневно и за 8% проценти доверба во судството односно 92% НЕДОВЕРБА, како и веста со снимената расправија со Таљат каде според Таче, не се знаело кој е на снимката па не може да се користи како доказ - вклучително и снимките од Груевски со Орце Камчев кои не беа земени во обзир бидејќи не биле прибавени со дозвола за снимање, решив да ја споделам со вас мојата сага низ судските лавиринти во основниот суд во Велес која ни крив ни должен ме снајде и за која одамна се токмам да ја напишам.

Во мојот случај нелегално сум снимен и сите снимки се прифатени од обвинителството и судот па сум осуден условно. Изгледа дека закониве за нас обичните смртници важат сосем поинаку а оние што пукаа во Чаир, на пример, и тоа среде бел ден, еве сè уште не можат да ги идентификуваат.

Од друга страна кога ќе ми текне дека Шаренава булумента дојде на власт со снимени разговори и никому ништо, веќе се почнува да ми има смисла.

За што се работи?

Го паметите осудениот на затворска казна за кражба на ќебапчиња во Велес? Е па, додадете уште еден таков јунак ама кој е осуден за кражба на - верувале или не - дрвце борче од рид/градски гробишта кое е самоникнато а притоа човекот (јас) наводно сум го сторил делото "кражба" преку дејството "стоење" и без притоа да имам никаков физички контакт со "украдениот" недвижен предмет, ниту да го присвојам. Истиот предмет е одземен од друго лице кое го враќа но јас сум ставен во приказната за да се извлече материјална штета. Овој судски предмет е како онаа старата приказна за крушата и адвокатите кои се тужеле за тоа чија е крушата и на крај судијата им рекол - не е битно чија е крушата туку битно е да врти парата. Крушата во мојот случај е претставена преку дрвцето, борче.

Според судијата од Основен суд Велес, делото е сторено на ден 10.04.2020 година (според диспозитивот) а во образложението на судската пресуда пишува дека борчето е откорнато на 11.04.2020 година.

Диспозитив : 10.04.2020

Образложение : Одземеното борче е на 11.04.2020

Но, да почнеме по ред. Позадина на случајот и хронологија на настаните:

Имено, целиот исцениран случај против мене и други лица се базира на видео снимка прибавена без ПИМ мерки и спротивно на законот за заштита на лични податоци, па обвинителството од Велес, на чело со надлежна обвинителка (член на сегашнава владејачка партија) решило да поведе постапка против мене со повреда на законот (бидејќи снимките не се обезбедени согласно чл.194  и член 198 од ЗКП) обвинувајќи ме дека сум сторил кривично дело сквернавење на гроб а потоа, откако ја ишамараа од Апелација, едвај се откажа од обвинение за нејзините пулени да поведат приватна постапка за кражба преку истата снимка на кои има други лица кои вршат сквернавење и одземаат борче а јас сум фатен во кадар како наводно стојам во близина, на друг датум кој е спорен. А снимката е монтирана, бидејќи сум вработен и сакаат да изнудат пари.

Значи пазете, приватно лице (наводно оштетениот) без дозвола од државен орган си поставил видео камера на јавна површина- градски гробишта и го снимал цел простор без знаење на црквата ниту државните власти, изигравал полицаец и снимал луѓе како доаѓаат на соседните гробови (вклучително и јас) си ја монтирал/сечел/лепел снимката, поднел во полиција а обвинителството (а подоцна и судот)  експресно брзо му ја прифаќаат како валиден доказ врз основа на кој ме судат еве веќе 2 ипол години. Па нели не се прифаќаат такви докази во постапка, нели човекот немал дозвола за снимање, нели во случајот на Груевски не се земаат снимките како докази во постапка?? Каде е правдата кога за еден случај правото се толкува вака а за мојот случај поинаку?

Откако со мојот правен тим почнавме подлабоко да истражуваме и запознаваме личностите на луѓето вклучени во процесот кој се водеше покрај мене, сфативме дека сме дел од организирана булумента на криминогени врски, адвокат-обвинител-судија каде синхронизирано сите докази поднесени од оштетениот (невалидни видео снимки) се прифаќаат без проблем и се дејствува максимално брутално против мене. Целта беше билдање на судски трошоци кои во мојот случај дојдоа до 2.000 евра за сквернавење гроб во првиот процес, па ако ме осудеа правосилно и ги платев (пошо сум вработен во Скопје и имам пари - ова се нивни зборови), адвокатот ќе си ги поделеше со обвинителката која му учинила и му прифатила невалиден доказ кој оштетениот го донел во полиција а после истиот е преземен и поднесен од страна на обвинителството.

Во првата постапка, за сквернавење, судијата, инаку кадар на ДУИ, ми рече редовно да се појавувам на рочишта оти секако јас ќе сум ги плател сите трошоци и тоа било за мое добро, ми стана јасно дека сум осуден уште пред да бидам официјално осуден се со цел да ги покријам трошоците на постапката и они да можат да го поделат пленот. Судијата беше послушен ко попче (иако муслиман), ми пресуди три месеци затворска казна (условно пошо неам никакви кривични дела извршено) за сквернавење на гроб и да си платам трошоци и оштета - а подоцна кога ме ослободија од Апелација му падна ептен криво бидејќи не морав да ги подмирам трошоците од 2.000 ЕВРА. Кога видоа дека не можат против мене, преку обвинителство сега ми поднесоа и приватна кривична пријава за наводна кражба на борчето кое вреди 300 денари, па без никаква фискална сметка ниту вештачење го пишаа дека вреди 1.000 денари и згора на се постапката ја води истиот судија што ме осуди првиот пат. Ни АКМИС ни бутур. А за наводни манипулации со АКМИС судијата Панчевски, истиот тој корумпиран Велешки суд го осуди на затворска казна.

Така, истиот судија како и првиот пат, сега на приватно, пак ме осуди на 3 месеци условна казна затвор.

Накратко, судот признава дека снимката е нелегална (и монтирана) но сепак заснова судска пресуда иако со закон не смее да го прави тоа. Во неа, кажува дека дека сум стоeл во близина на извршителот на делото кражба, но во образложението додава дека сме заминале заедно што е спротивно на фактичката состојба бидејќи снимката е монтирана пред да биде предадена во полиција во првото дело кога ме гонеа од обвинителство.

За да биде иронијата поголема, јас како оштетен поднесов контра кривична пријава против оној што нелегално ме снимал, но тој беше ОСЛОБОДЕН ОД ВИНА од Велешкиот суд бидејќи наводно, „осетно не задрел во моите интимни делови од живеењето“ иако ме има снимено мене и пола луѓе од Велес како посетители на градските гробишта каде неретко луѓето тагата ја изразуваат низ солзи.

Па има ли поинтимно од тоа некој да те снима на градски гробишта без твое знаење и притоа да те намести преку корумпирани обвинители и судии за дело што не си го сторил?? Што доколку почнеме сите да снимаме секого и почнеме да го пријавивуваме во полиција на ваков начин?? Каде е правото на слободно движење на граѓаните загарантирано со Устав и можноста никој да не биде следен и сниман додека слободно се движи освен во посебна постапка определена со закон? (ПИМ мерки)??

Во прилог извадок од оваа епохална пресуда која е пример за тоа како НЕ треба да суди еден судија. Имено, таа констатира противправни дејствија но го ослободува од вина оној што нелегално ме снимил, иако тужениот изјави на самото рочиште дека ако требало и пак ќе поставел видео камера за да снима за да си ги остварел своите цели, односно би го повторил делото. Штама, никому ништо. Бам, ослободителна пресуда. Ни срам ни перде.

Образложението во пресудата е пишувано како за осудителна пресуда, но исходот е ОСЛОБОДЕН ОД ВИНА. Видете и сами.

Значи кај ме снимиле незаконски, кај ме влечат со обвинители и судења скоро три години, па и уште ме прават будала дека сум дал согласност да бидам снимен и не ми се повредени правата и да сум ги барал правата во граѓанска постапка а не во кривична ... море мамицата!!

ЗАКЛУЧОКОТ Е :

Криминална држава, суд, обвинители, расипани луѓе. Беда и мизерија. ДНО.

Затоа младите ни се иселуваат и јас кај и да е, со мои 31 година ќе гледам да ја здувнам. Тука леб нема.

Македонија, земја на чудата.

Поздрав и убав ден,
Трајче

1 јуни 2022 - 12:32