Писма на недополнети читатели

Два пати се јавуваме во МВР, им го објаснивме проблемот и одговорот беше ист - ги информиравме колегите ќе дојдат да проверат. После повеќе од еден саат чекање, ја ставив колата на тротоар малку да ја дополнам (умрев од срам како најголем „маџар“ кој ја паркира колата на тротоар) и заминав на друг полнач да ја наполнам за да го продолжам своето патување до Битола.

Полошо од тoa да не правиш ништо е да направиш нешто половично. Се залажуваш самиот и ги залажуваш другите дека нешто правиш. Така кај нас на сите ни се полни устите со заложби за чист воздух и еколошки возила. Во таа насока за поздравување беше иницијативата на ЕВН за поставување на полначи на електрични возила, кои се лоцирани во градските средини и кои се од типот на т.н. destination charging – бавни полначи кои го полнат вашето возило додека вие ги завршувате другите обврски. За жал по автопатите и магистралните патишта воопшто нема брзи полначи со моќност поголема од 50 kW. Така да полначите на EVN остануваат единствената позначајна активност на национално ниво (сите други се поединечни иницијативи за сопствени објекти).

НО ЗА КОГО?

Вчера враќајќи се од пат во Србија, ја планирав рутата на патување до Скопје до полначот EVN Bazaro во Карпош 4, бидејќи моето престојувалиште во Скопје се наоѓа во близина. Но што да видам. Двете паркинг места за електрични возила зафатени од очигледно некултурни и неедуцирани возачи на не-електрични возила. Иако уредно обележани. Се распрашав по трафиките наоколу и ми кажаа дека тоа е вообичаено бидејќи има малку електрични возила што го користат полначот, а нема доволно место за паркирање.?

Се јавуваме (и јас и мојата сопруга) прво во EVN - ни кажаа дека тие не можат ништо да помогнат, бидејќи немаат надлежност врз паркирањето. Сосема разбирливо. Се јавивме во Градски паркинг – Скопје ни кажаа дека тој паркинг не е во нивна надлежност и дека не можат да интервенираат, додека на оние паркинзи кои се во нивна надлежност не дозволуваат паркирање на не-електрични возила на место предвидено за полнење на електричните возила. Ако е така и тоа е за поздравување (ќе проверам наредниот пат на друг полнач).

Не упатија во МВР да повикаме пајак. Два пати се јавуваме во МВР, им го објаснивме проблемот и одговорот беше ист - ги информиравме колегите ќе дојдат да проверат. После повеќе од еден саат чекање, ја ставив колата на тротоар малку да ја дополнам (умрев од срам како најголем „маџар“ кој ја паркира колата на тротоар) и заминав на друг полнач да ја наполнам за да го продолжам своето патување до Битола.

Потребна е едукација на возачите, но и на полициските службеници. Ја претпоставувам нивната реакција кога се јавив – „во Скопје нема паркинг ни за лек, а на овој му текнало да пријавува дека на паркингот му го фатиле местото и нема каде да наполни струја“. Прво јавна кампања кај несовесните возачи дека обележаните места за инвалиди и електрични возила мора да се стално слободни. Полначите на електрични возила се од исто значење за корисниците на ваквите возила, како и слободните места за лицата со попреченост/ инвалидите. Второ кај сообраќајната полиција, која треба да дава приоритет кај овие повици и веднаш да реагира со пишување казни и подигнување заради непрописно паркирани возила, бидејќи зафатените паркинг места за инвалиди и за електрични возила ги спречуваат нивните сопственици во извршувањето на секојдневните обврски.

Игор Неделковски

15 септември 2021 - 12:54