Писма на небањати читатели

Никаде во светот пливање не е спорт за богати, напротив, се практикува во училишта, го препорачуваат доктори, се користи за рехабилитација. Само кај нас, единствениот 50-метарски затворен базен во државава не е во државно управување и криминалниот концесионер се изживува како сака врз оние што немаат срце да им кажат на своите деца - доста е.

Почитувани,

Пливачите на Олимписки денес ги дочека информација дека повеќе не може да се бањаат после тренинг, туку само да се заплакнат. Како родител на пливач, кој плива веќе 8 години, и кој има оставено вредност на пола стан досега во базенот, страшно сум револтирана. Не само затоа што месечно плаќам 4.750 денари (24 влеза + членарина во клуб, од кои 3.700 отпаѓаат на влезовите), туку затоа што туширање/бањање по тренинг се миминум услови за тренинг во кој и да е спорт.

За ориентација - 24 влеза значат тренинг 6 пати неделно. Толку пливаат деца докај 11-13 годишна возраст. Како што напредуваат, тренинзите се одвиваат 2 пати дневно и стигаат до 12 неделно, односно 48 месечно.

Пола зима пливачите се бањаа со ладна вода, зашто вечниот концесионер не го вклучува бојлерот, штеди на струја и покрај астрономските суми што ги плаќаме.

Никаде во светот пливање не е спорт за богати, напротив, се практикува во училишта, го препорачуваат доктори, се користи за рехабилитација. Само кај нас, единствениот 50-метарски затворен базен во државава не е во државно управување и концесионерот се изживува како сака врз оние што немаат срце да им кажат на своите деца - доста е.

Јас го трпам ова изживување поради моето дете, за себе никогаш не би толерирала вакво однесување. Слична приказна ќе ви раскажат повеќето други родители на пливачи на Олимписки.

Ќе ве замолам, доколку одлучите да ја објавите сликата и приказната, да останам анонимна, не поради мене, туку поради тоа што може да има последици по моето дете. Ми се плаче од беспомошност.

Инаку, пред 10-ина дена падна лајсна од покривот на базенот Борис Трајковски, кој сега е затворен. Пливачите од таму се пренасочени половина на Олимписки, половина пливаат во Куманово. Олимписки е единствениот базен што работи во моментов во Скопје.

Летово на него ќе се пливаат и трките во склоп на Младинскиот олимписки фестивал кој се одржува во нашата земја. Дали и на олимпијците нема да им дозволи да се тушираат?

Доколку успеав барем малку да ве заинтересирам, на линковите подолу е пошироката приказна за криминалната концесија на Олимписки што нè носи таму каде што сме денеска (sneak peak: концесијата што ја плаќа - или не ја плаќа - изнесува тажни 750 евра месечно).

https://prizma.mk/olimpiski-bazen-bez-dno

https://prizma.mk/ruina-od-institutsija-shto-ne-gi-menadhira-sportskite…

Објавени се 2022 година, но никакво бранување не предизвикаа во јавност, ништо не се помести, институциите останаа глуви. Знам, премногу мала целна група сме тие што сме директно засегнати, а кај нас се реагира само кога мечката игра на твоја врата или при масовни трагедии. Да се надеваме дека нема да чекаме да падне покривот на базенот и да се случи трагедија за да почнат да испливуваат криминалите.

Однапред ви благодарам доколку се обидете барем да ја подигнете темата во јавноста.

Срдечен поздрав,
Б.

1 мај 2025 - 14:17