Писма на читатели од Сопиште

Ќе видите дека еден од големите аномалии на правосилното одобрение за градење на станбено-деловен објект во Сопиште е немањето прописен пристап за протовпожарни возила во случај на пожар. Во мојот случај јас веќе неколку години лично го повикувам градоначалникот Трпковски и раководните лица во Општина Сопиште да работат во општ интерес соодветно со нивниот опис на работа. 

Повод за ова писмо е неодамнешната трагедија во Кочани. Следејќи ги вестите за низата криминални дејства на разни надлежни институции и органи станува јасно дека секое од овие кривични дејства или недејствување од „најмалите“ па сѐ до „најголемите“ придонеле за загубата на толку млади животи. Во мојот случај, неколку месеци откако се преселив во новиот дом во декември 2020 во Сопиште се соочувам со слична ситуација за која надлежните во општината Сопиште, во Министерството за транспорт и врски и во Управниот суд се прават слепи за еклатантни примери на неправилности во издавањето на одобрение за градење на станбено-деловен објект во Сопиште  (Одобрението за градење Уп. Бр. 23-63/21 од 03.01.2022 година).

Најфлагрантното дејство на г. Трпковски кое противречи на неговите декларативни заложби е неговото лично инсистирање да се изгради комплекс станбено-деловен објект на градежна парцела нешто помала од 3000 м2 и без соодветно сообраќајно решение.

Имајќи ја предвид страшната несреќа во Кочани станува јасно дека не само што сообраќајното решение е несоодветно зашто пристапна улица за ваков вид објекти мора биде со најмалку 5,5 метри широчина, туку по прашање на пристап на противпожарни возила законот определува дека таа мора да е „...ширина на коловоз од 6,0м и радиуси од минимум 8,0м; (Сл. Весник на РМ бр. 36/04, 49/04, 86/08, 124/10 и 18/11) и Законот за пожарникарство (Сл. Весник на РМ бр. 67/04 и 81/07), како и Правилникот за суштинските барања за заштита од пожар на градежните објекти (Сл. Весник на РСМ бр. 94/09).

Иако состојбата на терен покажува дека пристапната улица е во најголем дел 3,0м широка, а само на две три места 3,5м широка, во „Геодетскиот елаборат за геодетски работи за посебни намени“ е изнесена ноторна лага, „Предвидената сообраќајна инфраструктура со Урбанистичкиот план за село Сопиште - разработка на Блок 1, е со соодветни квалитетни хоризонтални и вертикални елементи на коловозот овозможуваат непречена интервенција на противпожарните возила". 

Ништо од ова не е точно. 

Ова јасно може да се види од „Изводот од Архитектонско-урбанистички проект за формираье на градежна парцела“. Од приложената фотографија на овој АУП јасно се гледа дека  единствениот пристап е од тесната триметарска улица, а предвидениот „влез“ и „излез“ се само од страната на таа мала несоодветна улица. Тоа се разбира е така зашто улицата 1 во Сопиште е регионален пат и од него не смее да се има
директен пристап во парцелата. Сето тоа е јасно обележано на скицата. Од страната на главната улица има влез само за пешаци. Самите „влез“ и „излез“ коловозни ленти на парцелата се најмногу со 4,0м широчина!
Површината на ова планирано здание е 1401м2 за подрумот, 872м2 за приземјето, 818м2 за првиот кат и 870м2 за вториот кат, а вкупно бруто површината е 3961м2. Објектот е ослободен од комунални такси зашто наводно е „проект од јавен интерес.“

Покрај деловниот објект предвидени се и три станбени објекти со
вкупно бруто површина од 2953м2.  

Од горенаведеното е јасно дека градоначалникот на „Општина Сопиште“ не е искрен во изјавите дека се залага или дека ќе се залага за „Индивидуално домување без станбени згради“ во сегашните рамки на општината. Исто така не може да се земе како точна изјавата на г. Трпковски дека е против „Згради и бетонизација“.

На терен бетонизацијата напредува.

Верувам во конечна судска правда во рамките на македонското правосудство. Но со случајот, ако се покаже за потребно, ќе се жалам и до „Европскиот суд за човекови права“ во Стразбур. Според последните статистички истражувања македонските граѓани кои се обратиле до оваа институција ги добиваат случаите со огромно мнозинство. Не би сакал г. Трпковски да биде одговорен за уште една праведна пресуда против општината и државата, а чии интереси е платен да ги застапува.

д-р Коста Милков
Жител на „Општина Сопиште“

26 март 2025 - 13:21