Пајак писма на охридски читатели

Пазете импровизација – возилата се носат на депонијата на град Охрид со која раководи локалниот комуналец. Сиротите чувари – не само што се одговорни за достава на целото ѓубре од Охрид, сега ќе мора да се на шалтерот на кој цел ден доаѓаат гневните туристи и мештани и си ги бараат возилата (да, пајакот крева и охридски возила). А што е со полицискиот шалтер? Е па, таков нема...

По излегувањето во пресрет на сите барања на УНЕСКО и брзото решавање на излевањето на фекалии во езерото, општина Охрид граби напред и се фати во костец со еден од најгорливите проблеми во градот – паркирањето. До лани проблемот со паркирање во двете ударни недели од сезоната беше едноставно неподнослив – кола врз кола, преполни паркингзи и ни за глава место за паркирање. Па од зорт ќе припаркираш каде-годе колку за ноќта, а утре нова борба и надеж дека можеби баш тебе после плажа ќе ти се насмее некое празно паркинг место.

Оваа година ситуацијата не е подобра. Еве неколку фотографии за илустрација на проблемот - состојба на паркинзите и тротоарите во „Карпош 5.“ Имајте во предвид дека фотографиите се направени 2 дена пред Илинден - значи ќе биде и полошо.

На преполнетиот паркинг оставени коли во лер со спуштени рачни, т.е.
режим „побутни по потреба.“


Комшијата малку блокирал.


Една лента исфрлена од употреба.


Малку поназад – паркингот не работи (зошто? па направете го бесплатен).


Коли паркирани долж Туристичка и плус на тротоарите.

По согледување на причините зад проблемот (кои лаички би претпоставил дека се паркингзите направени на времето за помалку луѓе со помали коли и новите згради направени без паркинг места) општина Охрид доаѓа до очигледното решение – да се воведе пајак служба! Не да се отворат нови паркингзи, или да се регулира паркирањето за жителите на зградите чиј е паркингот, или не дај Боже во име на гостопримливоста кон туристите (а и добробитта на мештаните кои заработуваат од нив) да се прогледа низ прсти 2-те недели колку што трае проблемот. Туку, да се воведе пајак служба!

Ама, не е толку едноставно, што би работела по Богу таа пајак служба надвор од туристичката сезона, кога нема толку коли за да има проблем? Односно, како би се оправдала набавката на пајак и годишна плата за службата за две недели ефективна работа? Дополнително, би требало да се обезбеди паркинг за однесените возила и таму треба да работи чуварска служба и плус полициска служба за регулирање на казните.

Епа еве го решението – генијално во својата елегантност – пајак ќе се донесе од Скопје само за туристичката сезона! Значи, камион, возач и ракувач – сѐ топтан од Скопје! Па нели и онака пола град оди во Охрид за Илинден. А каде ќе се носат возилата? Пазете импровизација – возилата се носат на депонијата на град Охрид со која раководи локалниот комуналец. Сиротите чувари – не само што се одговорни за достава на целото ѓубре од Охрид, сега ќе мора да се на шалтерот на кој цел ден доаѓаат гневните туристи и мештани и си ги бараат возилата (да, пајакот крева и охридски возила). А што е со полицискиот шалтер? Е па, таков нема - за регулирање на казната мора прво да се оди на дежурниот шалтер на сообраќајната полиција колоцирана со езерската полиција на крајот од каналот. Значи за да си ја земете колата, треба малку да прошетате - па нели сте турист?

Еве ги клучните точки од турата:

1. Дежурен шалтер на сообраќајна полиција -
https://goo.gl/maps/EBER1aYZspQs6bbj8
Предупредување! Бидејќи постои еден дежурен шалтер за сите проблеми со сообраќајот во Охрид, ќе си почекате.
2. ЈП Комуналец – депонија Охрид
https://goo.gl/maps/fjrkgD4XjdLR95rBA
(отприлика)

Цените се скопски (па нели и пајакот е):
1. Во полиција – 40 ЕУР или 25 поени,
2. Во депонијата – 2.240 ден. и не примаат картички.

Убаво лето и уште многу успеси со визионерското раководството на општина Охрид!

* Не сакам да се фаќам у костец со локалниве шерифи па ако се решиш да објавиш те молам потпиши ме како Александар.

 

4 август 2019 - 10:12