Колку е тешко да си млад во ова наше мило Скопје!
Кога сме кај младоста, таа е тесно поврзана со љубопитноста, а љубопитност има само кога има сомнеж, а сомнежот е секогаш централна точка на проблемот кој ни кажува дека не е сè така сјајно. Седам така нервозен и изреволтиран до бескрај поради тоа што мојата љубена сега за мене има сосема друго мислење дека сум влезен во филм. Во филмот на Рагнар од Викингс, во филмот на Старкови од Троновите, во Харви Спектар од Суит, во Метју детективот, во господинот робот кој е навлечен на морфиум, во сите култни фаци од тв сериите коi не ги сервира нашиот најгледан телевизиски оператор Шит-ел. ЈАС СУМ ЛУД ШТО НЕ СУМ ПАШАТА ОД "ШАЛОВИТЕ НА БАБА МИ''.
Седам и се нервирам што сум заостанат и не можам да ги пратам гледиштата на моите родители и нивните блиски што живеат за идеалите и носталгичарат за нивната култна Југославија и за времето кога биле пионири. Седни па објасни им дека они се кривците за ова срање што го живеат моите врсници. Оди па објасни им за плурализам и за либерализам и човекови права кога они се ложат да има смртна казна, да има еден врховен бог што ќе воведе ред и мир како што има ''воведено'' Путин во мајка ни Русија (Колку што знам сите имаат по една мајка само ние имаме по две јер-Македонштина), сакаат да ги срамнат Албанците и џамиите јер они ни се кривци што ја живемее оваа мизерија, крива е Грција што не не признава, а најголеми кривци биле таквите ко мене.
ЈАС СУМ ЛУД ШТО ВЕРУВАМ ВО МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ И ЗНАМ ЗА ВЕРСКАТА ТОЛЕРАНЦИЈА НА БОДЕН, А НАЈГОЛЕМ КРИВЕЦ СУМ ШТО НЕ ВЕРУВАМ ВО "НАШИОТ'' НИ ПРЕТПОСТАВЕН КОЈ ИМА 10 ЗАКОНИ КОИ ЏОРЏ КАРЛИН МОЖЕ ДА ГИ СКРАТИ САМО НА ЕДНА!
Добро е, ја прифаќам кривицата јас сум измрдан од колосек, јас сум измрдан од тоа ваше кохезивно колективство. А кога сме кај колективитетот тука од секогаш мене ми смрдело и се јавувал сомнеж да го истражувам. Колективитетот најлесно се владе и најлесно се внесува во заблуда или најпросто речено се држи во ракав. Верувањето на колективитетот во Бог, татковина и нација беа централна точка во 19 и 20ти век. Јер 21 век, е век на глобализација, глобализацијата ти дозволува многу лесно да дојдеш до работи што во минатото многу тешко би дошол.
Глобализацијата доведува и до знаење како она на Ајнштајн. Но луѓето се... (не знам како да ги наречам), луѓето не сакаат да прифаќаат кривица, луѓето не сакаат да истражуваат да дебатираат (Дијалогот е најбитна работа во едно општество) на луѓето најлесно им е вината да ја префрлат на некој друг па така и од тука се оние народните (Господ како ни пишал така е, „Ех да не беше ПЕЦКО на власт што ќе бев јас", „Наведната глава сабја не сече" и т.н.). Проблемот никогаш не се префрла на некој друг, за секој проблем се дебатира и се изнаоѓа решение, а кога сме кај решенијата нас решенијата секогаш ни ги решава меѓународната (тоа е добро јер сами ако треба да ги решаваме ќе тече низ ногавици и ќе летаат куршуми).
ОКЕЈ ПРОБЛЕМОТ СУМ ЈАС ДОМА! Не ми останува ништо друго освен тоа да не престојувам поголемо време дома и да бидам опкружен со пријатели надвор. Не можеш да одиш убаво по улица поради тоа што на секој чекор нашиот пастир гради, јер нашиот пастир е врховен гуру, премиер, градоначалник, наш светец на кој му бацуваат рака, нашиот пастир е и Законодавна, Судска и Извршна власт, јер така сакаше мнозинството од моето конзервативно општество. Но, јас се радувам на мојата генерација млади бунтовници дека ќе смениме нешто. Како што кажав излегов, но овој пастиров ме задржа, јер го има кај јајцата во фрижидерот.
Прошетав низ нашето мило Скопје и седнав на кафе со мои другари. ЗГРОЗЕН СУМ! Најпрвин моето Скопје личи на Боливуд, лоша копија на Дизниленд, а на глумецот што го направил ова би му дал Златна малина. Моето Скопје ја изгубило ведрината и зеленилото, моето Скопје е толку централизирано што цела провинција е дојдена овде (Немам ништо против вас, имам во тоа што се е во Скопје). Скопје е ишкртан со крстови и орли на секој чекор јер нели тоа е најбитно во 21 век. Секогаш пред невработеноста, секогаш пред солидарноста, секогаш пред човековите права, секогаш пред луѓето со инвалидитет (они се на маргините овде), секогаш пред сè. Најбитна е црквата, џамијата и пред се ТАТКОВИНАТА!
Згрозен сум од мојата генерација што наместо да мрдне со прст седи на кафе, со никакво помрднување на погледот од нивниот Ајфон земен на кредит. Мојата генерација е влезена во филмот на Ѕвездите на Гранд, во тв сериите на Шит-ел, се она што е на мејнстримот. Авангардата е луда, авангардата е влезена во филм, авангардата е наркоман! (зборови на мојата мајка)
СИТЕ ВИЕ ШТО СТЕ ВЛЕЗЕНИ ВО СЛИЧЕН ФИЛМ КАКО МОЈОТ ВЕ МОЛАМ ПОБРЗО ИЗЛЕЗЕТЕ ДА СЕ ПРИКЛУЧИМЕ КОН МНОЗИНСТВОТО, ЈЕР МНОЗИНСТВОТО Е СЕКОГАШ ВО ПРАВО.
(Мајоризација непознат поим)
Марио Ристески
Студент на политички студии, на правниот факултет „Јустинијан Први"