И како да останам крводарител?

До сега имам дарувано над 20тина пати крв. Речиси секогаш дарувам во "Даре Џамбаз" и се паркирам на паркингот пред самиот влез. Тие пуштаат СМС и така паркингот е бесплатен за крводарителите. Претпоследниот пат, негде февруари месец, дарував на истото место, ама заради гужвата која што беше тој ден, изумиле да пратат СМС.

Излегувам јас, гледам казна, зборев со нив и као, ете, недоразбирање, оди на Транспортен во ПОЦ со потврдата и ќе имаат разбирање, ќе ја скинат.

Јас па по паметот нивни отидов, разговарав со човекот на шалтер ми рече 'Ве разбирам Господине но мора да одите во дирекцијата'. Ајде, отидов во дирекцијата, во катната гаража кај Основен Суд 1 била.

Таму, што да видам, митинг. Ме прими некој раководител таму и вика поднеси жалба и достави ја во прилог потврдата од крв, ќе ти биде прифатена, од хуман аспект. И така би.

Ај што ме одбиле копитава, не ме ни информираа, туку право на извршител ме дале. И сега, за казна од 1.500 ден јас треба да платам ни мање ни више туку 8.235 ден.

Сега некој ќе рече ама знаеш тоа е до пошта, тие го имаат испратено, ама овие... Како можеле вчерa навечер на врата да го донесат Налогот од извршител директно на рака?!

И сега, како да останам крводарител?

Кенан Абди

ЕДИТ:

Истиот ден на мојата објава, бев исконтактиран од Црвен Крст на Град Скопје, каде од нивна страна бев поканет за денес да одам во просториите на ЦКГС во "Даре Џамбаз". Секако прифатив.

Денес бев и разговаравме за тоа како се случил пропустот со смс пораката. Од нивна страна добив извинување за непријатностите кои што ги имав (иако јас лично бев и сеуште сум изреволтиран на извршителот и на несериозноста на ПОЦ), но исто така се понудија да ја платат целата сума на казната.

Значи износот од 8.235 денари денес ја подмири Црвениот Крст на Град Скопје како институција.

За истото сум им благодарен, не само за тоа што ја платија сумата, туку и за љубезноста на вработените, со што покажаа дека сепак се грижат за крводарителите.

14 декември 2024 - 18:27