3-ти декември. Ден кој светот го посвети на лицата со посебни потреби и подобрувањето на квалитетот на нивниот живот. Универзална сала, Скопје. Концерт во организација на Есма, под покровителство на Првата дама г-ѓа Иванова. Учесници-ученици од поголем дел ПОУ-та и заводи ширум републикава. Во публика- родители, наставници, поддржувачи и пријатели. Најавени во главна ложа-министри, со или без ресор, градоначалници, градски и општински ...
Три пати не потсетуваа кој СÈ е во главна ложа. Ама никој не им јави дека дел од нив заминаа. Претпоставувам некои и воопшто не се појавија. Нека простат, за среќа не ме интересира политика, па не сум стигнал сите да ги знам. Но, знам дека заминаа министрите за труд и социјална политика и за образование. Претпоставувам поради работни обврски. Во 20:30ч. Можеби поради протокол. Можеби затоа што никој не им кажал дека е недостоинствено, во најмала рака некултурно. Пошто покажуваат дека овој опсег на нивните министерства, она што е резултат на работата на нивните избраници (секако индиректно, како министерства кои управуваат со овие институции), работата со оваа категорија е небитен. Дотолку небитен што оние кои ја креираат програмата, не можат да одвојат 2 часа и да видат што тие заедно, ученици и наставен кадар, постигнале.
Па после чудни наставните планови. Не се тие криви. И не можам да сконтам како се креира социјалната политика и програмата за специјалните училишта кога оние кои директно можат да влијаат, заминуваат. Или можеби заминуваат како полесно би можеле да замижат?! Категоријава е и за жал останува на маргините од маргините на нашево демократско и развиено секојдневие. Остануваат невидени, нечуени... И покрај тоа што дале сè од себе да се покажат, да усвојат кореографија. Но, ретко кој знае што значи некое од тие деца усвои и совлада и навидум едноставно или т.н. природно, вродено движење. И токму оние кои треба да бидат дел од решението, биваат дел од игнорирањето. Желбата да бидат вреднувани на дел од нив сепак им се исполни. И блескаа. И беа бескрајно среќни. И кој знае уште колку денови ќе ги преживуваат и разкажуваат тие неколку минути кога очите на ПРИСУТНИТЕ беа вперени во нив, кога аплаузот беше само нивен!!! Дали и Вие почитувани господа можете да го кажете истото за времето и почитта кои им ги ускративте, дали и Вие бевте негде и правевте нешто кое ќе го паметите со денови, можеби месеци?! За крај, секоја почит кон оние кои беа доволно големи и останаа до крај. А што се однесува до организаторите, само напред, нè има доволно оние кои ќе дојдеме, ќе истраеме и несебично ќе ракоплескаме и скандираме. А другите... Ви ветувам дека ние ќе бидеме таму и тогаш кога Вие ќе се издигнете, пораснете и созреете.
СТОП ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ !!!
Зоран Стефановски
-----------------------------------------------
Здраво Зоране,
Темава ми е блиска и битна, баш пред некој ден со ќеиф промовиравме убава работа направена за овие деца (види тука).
Она што мене не ми се бендисува е што и овојпат, во ваков повод, некакви министри и други државни или општински моќници треба да бидат главни ѕвезди на вечерта. Што очите ни се вперени во нив и нивните ложи дури и кога пред нас имаме убави дечиња кои којзнае колку време се труделе да ни подготват некоја точка.
Заминал оној од труд или друг, што го вртам бре Зоране, не сум за него дојден. Нам ни е да ја јакнеме онаа сфера која не зависи од државата, да правиме среќни и силни поединци кои ќе знаат автономно да создаваат содржини во своите животи. Во такво општество, цреповите кои заминале ќе ни бидат помалку битни.
Разбирлива ми е твојата искрена разочараност. Не спорам со ништо што си пишал, само сакав да фрлам светло од друг агол во оваа и други наши приказни. Од иста сме.
Трендо