Јас не знам како вие ги добивате информациите за состојбите на патната инфраструктура за која сте одговорни но мене подолг период ми се чини дека не добивате никакви информации или, уште полошо, истите ги игнорирате.
Еве конкретно да ве прашам дали случајно сте заборавиле дека на влезот во Скопје од кај клучката Хиподром вегуваат три ленти (од кои едната сервисна) преку кои во Скопје влегуваат сите автомобили од правецот на Петровец (автопатот од Велес) и сите автомобили од правец на Миладиновци (автопатот од Куманово). Претпоставувам дека ви е јасно колкава територија од нашата држава опслужуваат тие две ленти (околу 1.2 милион жители). Потоа, на бул. Александар Македонски (така се вика овој влез во Скопје после надвозникот помеѓу населбите Маџари и Ченто) му се приклучуваат уште две ленти кај клучката на Агросервис, една од ул. М.А. Ченто и една лента од ул. Б.Стевковски. Исто така, претпоставувам дека знаете дека во ул. М.А. Ченто се вклучува/продолжува стариот пат до Куманово кој поминува преку Арачиново (општината има околу 13. 000 жители) како и патот од Стајковци. А пак ул. Б.Стевковски го собира целиот сообраќај по стариот пат од Катланово до Скопје.
Значи околу 1.3 милиони луѓе кои имаат потреба да влезат во Скопје треба да поминат од оваа клучка (Агросервис), а тука на двете ленти на булеварот му се приклучуваат уште двете од ул. М.А. Ченто и ул. Б.Стевковски. Тука булеварот има 4 ленти кои на околу 100м од приклучувањето се спојуваат и намалуваат во 2 ленти.
Оваа волшебна генијалност на некој сообраќаен инженер платен од граѓаните на Скопје, доведува до ситуации сите возачи кои поминуваат одовде да треба да ја искоистат целата своја инвентивност и возачки способности (но не и сообраќајните правила) за да се прилагодат на условите на патот. Ова често доведува (најмалку 2 пати месечно) да се случат сообраќајни незгоди (најчесто лесни и верижни) во близина на пешачкиот премин кај бензиската пумпа на Макпетрол (со 100км на час не се застанува на пешачки лесно) бидејќи поради грмушките (т.н. украсно зеленило) помеѓу двете насоки на движење пешаците може да се забележат на само 20-30м растојание. Ваквите сообраќајни несреќи целосно го парализираат сообраќајот кон центарот на градот бидејќи за сите жители на општина Гази Баба кои живеат во овој дел на општината нема друга алтернатива како со автомобил да се стигне до центарот на градот. (Единствен друг пат би бил, но и тоа не е реална алтернатива туку чисто теоретска, ул. Перо Наков. И тоа, бидејќи ул. Перо Наков излегува кај Бриколаж е несоодветна варијанта затоа што во такви моменти таа улица е толку преоптоварена што е речиси блокирана. Другата можност е да се вратиме на обиколница и да влеземе во градот преку патот од Радишани (!?!) повторно преку една лента (пробана опција и многу побрза во случај на сообраќајна незгода).)
Другите денови кога за среќа нема сообрајќајни незгоди, огромен застој се случува кај клучката во Автокоманда каде голем број возила кои се движат кон општина Аеродром како и камионите за царинскиот терминал во Фершед ја блокираат едната лента на булеварот се до потегот помеѓу двата железнички надвозници. Ваков застој оваа и предходната недела се случи 4 пати.
Колоните возила во Ченто се протегаат сè до приклучокот на ул. Среќко Пужалка со ул. М.А. Ченто, па сега господине Тони и господине Коце (и вие бевте градоначалник на опшина Гази Баба) дали знаете колкави колони се тоа и дека јас 2-3 пати неделно поминувам низ вакво малтретирање (како и мнооооогу други како мене).
За проблемите со семафорите на ул. М.А. Ченто и поврзувањето со населба Маџари не ни сакам да започнам дискусија, тоа е чисто локален проблем на населбата (а тие луѓе за неколку месеци треба да ве гласаат) и сметам дека не би требало да е дел од ова писмо (од една лента правење две пред семафори за веднаш потоа пак да ги споите во една лента, не е проширување на патот, тоа е мачкање очи).
За да не се прашувате што има врска со оваа градоначалникот на Аеродром, еве прашање и до него: Дали планира да прави некогаш мост на Вардар со кој ќе се спои општина Аеродром со општина Гази Баба, во близина на старата депонија Вардариште (?) и со тоа да нè поштеди нас, оние кои не сакаме да влеземе со автомобилите во вашата опшина, да чекаме во колоните на возила кои сакаат да влезат во вашата општина преку единствените две ленти на мостот близнак (во близина на ФОН). Но тоа не е единствениот проблем, покрај гужвата на надвозникот има возачи кои сметаат дека подобра варијанта отколку чекањето на семафорот на наздвозикот во Автокоманта за влез во Аеродром е рутата преку семафорите во Автокоманда (во близина на Земјоделскиот Факултет). Па од таму да завртат лево и преку патот покрај Пивара повторно да се приклучат на мостот близнак или пак преку оној најновиот мост (пак со една лента) кој поминува под пругата да влезат во вашата општина. Тие целосно ја блокираат третата лента на булеварот Александар Македонски па на нас, кутрите жители на Гази Баба, на кои единствена опција ни е да го користиме булеварот Александар Македонски ни останува само една лента за да ја поминеме таа раскрсница (десната лента е зафатена бидејќи возачот на автобусот број 2, од за мене неразбирливи причини, секогаш треба да го чека терминот за поаѓање на самата коловозна лента (понекогаш и по 10 минути) наместо тоа да го прави на поледната станица, на ширината кај гаражите на ЈСП, каде никому не би му пречел.
И уште едно можеби радикално прашање кое се граничи со утопија: Дали барем се размислува општина Аеродром да си направи сопствен директен влез во општината од автопатот во близина на Хиподром, наместо да ја користи скромната патна инфраструктура на општина Гази Баба?
Надополнување: еден пријател ми кажа дека колоната од последниот сообраќаен метеж се протегала до последната станица на автобусот број 50 во населба Хиподром, тоа е уште еден 1км повеќе од колоната со која јас се соочувам.
За тие што не се запозати со улиците еве слика на која е претставена должината на колоната од возила:
Јане Крстески