Здраво Трендо,
Подолго време ги читам објавите на off.net.mk. Благодарам за сиот труд што го вложувате во освежување на македонскиот интернет простор со квалитетни содржини. Вашиот портал е еден од ретките популарни портали што одржува автентичен слободарски дух (без притоа да западнете во стапицата на новиот либерализам). И ве охрабрувам да продолжите во таа насока.
Ја користам оваа прилика да ви пратам три фотографии од еден сосема обичен глобус. Но, само на прв поглед. Она што е необично е што се јавува на македонскиот пазар во време кога се заговара тнр. „фински модел“ на интегрирање на историјата и географијата во „општествени науки“.
Во таа смисла, овој глобус е пример за уникатен спој на географијата и историјата. На него ќе најдеме нови држави (како што е Јужен Судан што стекна независност во 2011 година), но и старото име на една веќе непостоечка држава (Југославија, чија последна форма – СР Југославија – престана да постои во 2003 година). Небаре временска машина, овој глобус не лансира во пост-преспанска Македонија (од 2019 година наваму), но со пара-преспанско име (Northern Macedonia), што упатува на тоа дека авторот на глобусот не бил во тек со терминолошките насоки на МНР (https://mfa.gov.mk/en/document/1505.)
Уште еден куриозитет на глобусот е отсуството на какви било јасни критериуми при нумерацијата на држави чии територии се премали за врз нив да се испише нивното име. Не е ниту според азбучниот ред на името (на пример: … Slovenia, Bosnia and Herzegovina, Croatia, Slovenia, Austria...), ниту според регионот (Trinidat and Tobago, Vatican City, Armenia…).
Глобусот е ориентир што треба да му помогне на ученикот да се запознае со местоположбата и имињата на државите во светот. Причината зошто толку внимание посветувам на овој мал глобус е затоа што го отсликува македонското образование онакво какво што е – изместено од оската.
Но, пред да избрзаме и да заклучиме дека овој глобус е пробен балон за тнр. „фински модел“ на интегрирање на историјата и географијата во некакви си „општествени науки“, ќе забележиме уште нешто многу чудно. Имено, на глобусот воопшто не е напишано името на државата Финска! Ниту над територијата (иако за тоа има место), ниту во нумерираните листи за територијално помалите држави (некаде после Св. Луција или Црна Гора). Небаре авторот на глобусот сакал да ги избрише сите докази што можат да упатуваат на каква било поврзаност со Финска.
Сепак, пред оваа иронична опсервација да биде погрешно протолкувана како теорија на заговор, би сакал да ги поставам следниве прашања:
- Дали некој го контролира квалитетот на наставните средства, помагала и материјали што ги користат нашите ученици?
- Дали компаниите кои увезуваат и продаваат производи што во суштина служат за образовни цели водат сметка за исправноста/точноста на истите?
- Дали постои некаков институционален филтер што ќе го спречи продорот на неточните информации до македонскиот образовен процес? (Или, пак, се филтрира само она што ги тангира шовинистите во некои соседни држави?)
Во време кога се вложуваат огромни напори и средства за имплементирање на "сеопфатно сексуално образование" во наставната програма и издавање на нови, политички коректни учебници, дали некој одвојува време да ги провери фундаментите?
Можеби прашањето за имињата на државите во светот и нивната историја не им е важно на оние на кои не им е важно ниту името и историјата на сопствената држава. Доколку се прашуваме какви генерации ќе обликува нашиот импровизиран образовен систем, веројатно не треба да погледнеме подалеку од авторот на овој глобус.
Поздрав,
//
П.С. Свесен сум дека во нормални средини претставувањето е нормален дел од општата култура и воспитание. Нашата средина, за жал, не може да се пофали со нормалност. Благодарам за разбирањето.