Бушави писма на читатели

Апелирам и барам поддршка, за итен прекин на емитувањата на Бушава азбука. Целиот серијал е инфициран со содржини кои се спротивни на насоките од Владата на РСМ за градење пријателски односи со нашите соседни држави.

Драг Трендо,

Дозволи ми да споделам со тебе мислење и побарам поддршка.

Иако во ек на пандемија и сето што со неа следи, верувам дека не смееме да си дозволиме да бидеме невнимателни и несвесно да ризикуваме да ги навредиме оние што нè бранат и оние што ќе нè хранат. Односно, сега како земја која е најново засилување на НАТО и со речиси две нозе во ЕУ, должни сме да бидеме уште посамосвесни и самопрекорни кон нашето поведение и обврски. 

Затоа, би сакал да посочам на еден пример за флагрантно повредување и непочитување на обврските и препораките од Преспанскиот и договорот со Р. Бугарија.

Имено, националниот телевизиски сервис од почетокот на кризата со Ковид-19, започна со секојдневно прикажување на култната воспитно-образовна емисија “Бушава Азбука“, во најударните утрински и попладневни термини за млади, очигледно без обрнување внимание за претходна анализа и корекција на содржината.

А во неа, озареното лица на младата Синоличка Трпкова недвосмислено најавува говорни подрачја, чие споменување засекува длабоко во кревкото ткиво на нашата нова релност:

* Воден, “Егејска Македонија“:

 * Драмско, “Егејска Македонија“:

 * Меглен, “Егејска Македонија“:

* Разлошки говори, “Пиринска Македонија“:

Проверете и сами и забележете како се врши дистинкција и инсинуација за територијални делови, со најавување на подрачјата од Северна Македонија само по име, а останатите нагласени како “дијалекти“ од Егејска, Пиринска Македонија па и Албанија.

Има тука и многу, претопло раскажани од покојниот Ненад Стојановски, приказни за “Македонската книжевност“ и личности кои на пример во “Егејска Македонија“ печателе книги на “македонски народен јазик“, без притоа да се потенцира дали истиот е од словенска група на јазици.

Што ли има сега да каже во своја одбрана тој “научен совет“?

Накратко и во актуелен жаргон, целиот серијал е “инфициран“ со содржини кои се спротивни на насоките од Владата на РСМ за градење пријателски односи со нашите соседни држави. Верувам дека носи големи политички ризици, бидејќи преку него, отворено пропагирани иредентистички пораки кон нашите пријатели се праќаат директно од првиот национален медиум на нашата земја.

Апелирам и барам поддршка, за итен прекин на емитувањата на серијалот.

Сосема сум свесен за емотивната врска што неколку генерации ја имавме изградено со “Бушавата азбука“ и колкав е нејзиниот придонес за моделирањето на многу сограѓани во прогресивни членови на нашето општество.

Но, “Бушавата азбука“ мора да згасне.

Нејзината приказна не припаѓа на ова време. 

Нејзините пораки не треба да допрат до нашите деца.

Нејзината наивна храброст да се создаде автентичен производ е штетна за денешните млади.

Дајте луѓе, стопирајте ја и зафрлете ги сите нејзини копии во мувлосаните архивски соби. Нека ѝ се нагризе филмот, заедно со оние и на другите документарци, серии, филмови, книги за кои повеќе немаме простор во нашата иднина. 

Авто-цензурата и отстранување на вредностите од минатотo не е некој баук од кој треба да се плашиме, но треба да го прифатиме со иста леснотија, со која што ги поправивме грешките во нашиот стар Устав.

Јас веќе го контактирав МНР и поднесов барање за запирање на серијата, но немам никаков одговор до сега. Ве замолувам, приклучете ми се во оваа иницијатива и заедно да помогнеме за зацврстување на Евро-Атлантската перспектива на нашата земја, токму како што ни доликува, со едно тивко:

“Збогум, Бушава азбуко“,
Горјан Илиев

 

14 април 2020 - 09:28