На 6 јули 2008-ма светот застана за момент бидејќи во финалето на Вимблдон се судрија Роџер Федерер и Рафаел Надал. Швајцарец прв, Шпанецот втор на АТП листата или најпросто кажано најдобрите двајца на планетата.
Играа 4 часа и 48 минути, а тоа е најдолгото финале во историјата на Вимблдон, најдолго и меѓу Грен слемовите се до финалето на Австралија Опен четири години подоцна.
И најголемите стручњаци за тенис беа вчудоневидени од тоа што може да го одиграат овие двајца ѕверови. Тоа не беше обичен натпревар, туку битка за секој поен меѓу две машини кои гинеа на тревата. Битка на младост и искуство, битка на нерви, физичка спремност, концентрација, психолошка битка.
Рафа се бореше за првиот трофеј на Вимблдон против бранителот кој имаше освоено пет по ред, рекорд кој го дели со Бјорн Борг кој го покажуваа во публика. Првите два сета завршија со идентичен резултат 6:4, 6:4, ама за Надал, а не за легендарниот Швајцарец кој го сметаа за фаворит.
Потоа следуваше 80 минутна пауза поради дожд, по која kралот на Вимблдон израмни на 2:2 и тоа во тајбрејк 7:6, 7:6. Појако не можеше да врати.
Во последниот сет, ако си им родител на овие двајца жилави момци ти требаше дијазепам од 5-ка за да ги гледаш. При резултат 5:2, Надал имаше можност за титула два пати на негов сервис, но не успеа да ја искористи таа огромна предност.
Роџер се врати, а резултатот стигна до неверојатни 7:7. Надал удри еден силен бекхенд и со тој поен си створи шанса за титула на свој сервис, но Федерер потоа одговори со сличен таков совршен бекхенд.
Коментаторот на БиБиСи рече: „Двата најдобри поени на турнирот се без конкуренција овие последни два кои ги видовме“.
Следуваше нова, втора пауза поради дожд, но овој пат од 30 минути. Кога ѕверовите се вратија на терен почна да се стемнува, а со тоа и да се заканува одложување на епскиот меч до следниот ден.
Федерер во еден момент имаше поен за историска шеста титула на Вимблдон, но Надал не се даде и го скрши владетелот на кој му прекина серија без пораз на најелитниот турнир од 41 меч.
Еден месец претходно го победи и на Ролан Гарос за четири по ред каде е добро познато дека е специјалист на земја и стана само трет тенисер кој ги освоил овие два турнири во една сезона. Федерер тоа го направи следната година, а по него повторно Надал.
Два месеци подоцна Рафа го симна Роџер од тронот на АТП каде беше рекордни 237 недели. Тоа беше последното финале на Вимблдон прекинувано на дожд, бидејќи во 2009-та како алтернатива поставија покрив.
Вечните ривали денеска од 16:00 ќе ги гледаме за прв пат на Вимблдон после тоа незаборавно соочување, овој пат во полуфинале со поголемо искуство, повеќе трофеи, но и години. Надал минатиот месец наполни 33 години, а Федерер во август ќе полни 38.
Не се раѓа повторно ваков хајлајтс
Последниот поен
Церемонијата на крај