Влезници распродадени, а салите во Лондон празни

Билетите за некои настани за кои има голем интерес кај гледачите веќе одамна се распродадени, но многу седишта останаа празни за време на првиот натпреварувачки ден на Олимписките игри во Лондон.

Организаторите на Олимписките игри во Лондон добија многу критики од гневните гледачи кои не успеале да купат влезници, а на ТВ екраните забележале многу празни седишта.

На првиот натпреварувачки ден во Акватик центарот се одржа првата голема битка помеѓу Мајкл Фелпс и Рајан Лохте, но сепак 500 седиште останаа празни.

Илјадници празни места може да се забележат и на натпреварите во одбојка, салата за гимнастика и фудбалските стадиони.

Оправдувањето на организаторите е дека останале празни седиштата предвидени за спонзорите, политичарите и членовите на олимписките комитети кои имале акредитации, но немале интерес да ги следат настаните од прелиминарните рунди. Сепак тие најавија дека ќе спроведат истрага за тоа на кого поделиле акредитации и ќе се обидат да ја спречат оваа појава во следните денови.

29 јули 2012 - 10:32