Кличко 18. пат во низа ја одбрани титулата, а пред него е само легендарниот Лери Холмс со 19 титули по ред. Украинецот му го нанесе првиот пораз во кариерата на американскиот боксер Џенингс и стигна до 64. победа во кариерата.
Сите тројца судии му дадоа предност на Владимир Кличко. Двајца од нив дадоа резултат 116:111, а третиот 118:109. Очигледно беше дека предноста во висината и тежината на Кличко беа доволни за победа, но Џенингс не се предаде во ниту еден момент иако немаше многу шанси.
„Убаво е да се вратиш во Медисон Сквер Гарден после седум години и да се бориш. Се радувам на новите предизвици овде, пред оваа прекрасна публика. Џенингс беше многу тежок противник и верувам дека може да победи многу боксери од тешка категорија“, изјави Кличко после победата.
Кличко додаде и дека следен предизвик му е Тајсон Фјури, кој има 24 победи и ниту еден пораз. Фјури неодамна го победи Романецот Кристијан Хамер.