Видеата со скакулец и пеперутка на Австралија Опен собраа скоро 100 милиони прегледи

Отвореното првенство на Австралија донесе неколку интересни моменти. Кулминација беше новата титула на Рафаел Надал кој стигна до 21. Гренд слем и во моментов е најуспешниот тенисер на сите времиња според освоени титули на најголемите турнири.

На Австралија Опен првпат после цели 44 години во женскиот дел од турнирот славеше домашна тенисерка од Австралија. Ешли Барти им донесе радост на Австралијците и урна рекордна гледаност во земјата.

Во машкиот дубл имаше австралиско финале кое го добија тенисерите со грчко потекло Ник Кирјос и Танаси Кокинакис.

Од Мелбурн голем одјек имаа и неконтролираните урлања на Данил Медведев кон судиите во полуфиналето и финалето.

Најпопуларни видеа од АО2022 станаа она на кое Стефанос Циципас му помага на едно девојче кое на сред терен виде скакулец и некако се подисплаши. Гркот доби аплаузи за потегот:

Ова видео има досега 8,8 милиони прегледи на Јутјуб и уште неверојатни 27 прегледи на тикток. Вкупно околу 35 милиони отворања.

Уште погледано видео на Австралија Опен 2022 беше она на мечот на Ема Радукану пред која дојде едно дете задолжено за фаќање топчиња (болбој) со цел да фати една пеперутка која му бегаше од раце.

Ова видео на Јутјуб досега собра 53 милиони прегледи! И уште 17 милиони на Тикток. 70 милиони отворања на видео од 14-секунди во кое не се случува практично ништо спектакуларно. Овие видеа се од новиот формат YouTube Shorts кои беа пуштени пред една година како аналог на Тикток. Можно е за речиси 100 милиони прегледи на овие две кратки видеа да има просто објаснување: едноставно западнале во алгоритамот на Јутјуб. 

2 февруари 2022 - 11:49