Тешкиот пат до Формула 1 на новиот светски шампион Макс Верстапен

Макс Верстапен е уникатен и модерен пилот во современата Формула 1 и тоа никој не може да го спори. После долги години патувачкиот циркус конечно доби ривалитет кој ја заинтригира јавноста. Урната е хегемонијата на Луис Хамилтон. Ја сруши најмладиот победник во историјата на Гран при (сопственик и на рекордот за најмлад дебитант во Ф1).

Во 2021-ва година после седум години во Формула 1, Макс Верстапен стана 34-от шампион на светот во Ф1. Прв од Холандија.

Иако малкумина знаат дека на патот до врвот во автоспортот, Макс имал прави животни искушенија. 

ПРАДЕДО МУ НА МАКС ЖИВЕЕЛ ВО ДЕПОНИЈА, А ДЕДО МУ БИЛ ПРАВ ТИРАНИН

За да се запознае некој човек треба да се види не само во неговото детство и младост, туку и во историјата на семејството. А животот на Верстапен не бил лесен: никакви богати или луѓе со врски немал во семејството.

Прадедо му Макс Сјоф живеел во селото Марија Хоп во холандската провинција Лимбург. Наместо во куќа живеел во трејлер поставен веднаш до депонија. Таму штедел пари со идеја во иднина да развие бизнис. Сјоф имал жена и три деца така што им било тесно во трејлерот.

Ситуацијата колку толку ја подобрил постариот син Франс кој се преселил во соседниот град Монфор, а подоцна ги добил малите Јос и Херда. Внукот и внуката оделе кај баба им и дедо им за празници и уживале во слободата кај трејлерот.

„На депонија можевме да влеземе само со автомобили или да си играме со мотори. Понекогаш среќававме залутани мачки“, раскажала еднаш Херда.

Но набрзо отпадот престанал да го занимава Јос. После првата причест, веднаш откако излегол од црква, 8-годишникот видел трка на картинзи. Имал среќа - семејството Верстапен решило да му купи картинг за подарок. 

Јос Верстапен уште од првата трка со картинзи како дете ги воодушевил сите присутни во белгискиот град Генк. Франс, татко на Јос а дедо на новиот светски првак Макс Верстапен, на времето поминувал часови и часови во гаража кај депонијата, за да му го поправа картингот на син му. 

За Франс, трките биле новост, па барале внимателно проучување. Дедо му на Макс Верстапен сакал разни спортови, велосипедизам, фудбал и џудо, а цел живот сакал само едно - да победува по секоја цена. Франс му помагал на синот Јос и одел со него по разни трки ширум Европа кога малиот настапувал.

Но некогашниот пешадинец имал тежок и многу незгоден карактер - не му давал на син му право на грешка. Еднаш Јос го скршил картингот на една од трките, а татко му од одмазда го заклучил во комбето со кое се возеле низ Европа. Јос чукал долго на прозорот но не добил слобода сè додека не спласнал гневот на татко му Франс.

„Трките се многу скап спорт, беше тешко да се учествува на нив. Ние секогаш баравме спонзори. Имавме среќа со наследството на Сјоф“, објаснува Херда зошто татко и се однесувал нервозно.

Но набрзо морале да се скратат од многу нешта. Ретко оделе на одмор за да му се овозможат трки на Јос Верстапен.

За нивна среќа, менаџер на талентираниот млад пилот Јос Верстапен станал Хуб Ротенгатер, поранешен холандски пилот во Формула 1. Тој го внел малиот од Лимбург во Ф1. Во 1994-та година Јос по хаваријата на Јурки Јарвилехто неочекувано му станал партнер и тимски колега на големиот Михаел Шумахер во Бенетон. 

Многумина вљубеници во Формула 1 го памтат Јос Верстапен по страшниот пожар на ГН на Германија кога како последица на силен удар и голем инцидент, младиот тркач задобил изгореници, а само две недели подоцна завршил на подиумот. Следната трка пак завршил трет. Ова биле најдобри достигнувања на Холандија во историјата на Формула 1.

„Макс сигурно не би стигнал волку далеку без Јос, а Јос не би стигнал толку далеку без својот татко (Франс)“, велат во семејството.

Но нивните односи не биле баш најсјајни. Франс и Јос буквално не се поднесувале и често имале дури и физички пресметки. Јос неколку пати го напаѓал татко му. Макс исто бил лошо настроен кон дедо му.

„Колку и тој да беше строг (Франс), неговата верба му помогна на Јос да успее. Иако понекогаш сакаше многу пари“, рекла еднаш Херда, сестрата на Јос, тетка на Макс.

Франс Верстапен умрел на 19 ноември 2019 година. А односите во семејството биле толку лоши што Јос дури и забранил името на син му да се користи за потребите на кафулето кое го држел татко му. Макс за смртта на дедо му рекол: „Радоста и жалта уште се една до друга“.

МАКС ГИ НАДРАСНАЛ ВРСНИЦИТЕ И ПРЕЖИВЕАЛ РАЗВОД НА РОДИТЕЛИТЕ

 

Најмладиот и најпознатиот Верстапен растел во белгискиот Масејк. Мајка му Софи била од таму. Но подоцна Макс избрал холандска лиценца за тркање.

Софи доаѓала од познато белгиско семејство на претприемачи - Кумпен кои се занимавале со изградба на патишта. „Правите Кумпенови се жилави, но чесни“, вели Пол, таткото на Софи, а дедо на Макс по мајчина страна.

Тој бил член на советот на директори на Белгискиот автомото клуб и поврзан со советот на директори на ФИА.

Мајка му на Мајкс исто била талентиран пилот: победила на неколку женски картинг турнири и настапувала дури и на меѓународно ниво: Еднаш се тркала против идните големи ѕвезди на Формула 1 Џенсон Батон и Џанкарло Физикела. Откако се запознала со Јос на една трка во Генк и се вљубила во него, таа ја завршила тркачката кариера за да биде почесто до мажот.

Макс бил уникатно едно, вели Козн Бертс, директор на школото каде учел идниот светски Формула 1 шампион од Ред Бул. Тој додава и дека Макс можел да направи повеќе во школото: „Тоа беше приметно на начинот на кој реагираше на часовите или во текот на разни ментални вежби. Иако доволно паметен, сепак имаше некои свои интереси“.

„Негова цел беше да стане тркач во Формула 1. Тоа го кажа уште кога имаше десет години“, рекла еднаш баба му на Макс, Мариан Ленен.

Некаде во 2008-ма година родителите на Макс Верстапен се развеле. Младиот пилот останал со татко му, а сестра му со мајка му. Бертс, директорот на школото каде учел синот на Јос се сеќава на тој период: „Не видовме дека Макс беше загрижен на некој начин поради тоа. Секогаш сакаше слобода. Но неговите проблеми со комбинацијата на трки и учењето ги решаваше мајка  му“.

Школото му поставило логични услови: Верстапен може да оди на трки во странство само со добри оценки. Понекогаш наставниците мижеле пред некои проблеми.

„Понекогаш требаше да се води тежок разговор со него и тогаш можеше да ви одговори остро, јасно на возрасен начин. Беше позрел од останатите деца. Како пораснат меѓу децата“.

Се испоставило дека разводот на родителите на Макс, Јос и Софи бил пратен со многу скандали. Кумпен дури и го тужела мажот и на суд за закани, вознемирување и физичко насилство. Јос бил осуден на три месеци условно и парична казна од 1.650 евра. Подоцна бил ослободен од обвинувањата.

Софи до ден денес била во лоши односи со поранешниот сопруг кој имал многу незгоден и насилен карактер. Таа сметала дека синот Макс во целост е Белгиец и не ја признава неговата холандска дозвола.

Таа е сигурна и дека токму таа го направила својот син најдобар од сите Верстапеновци:

„Макс е многу друштвен и отворен. Ова го доби од мене. Јос е поповлечен“.

И нејзиниот кум Пол исто во Макс видел црти од мајка му Софи Кумпен кога малиот имал 14 години. „Он секако вози како и татко му, но психички е посилен и знае да се контролира“, рекол кумот на мајка му на новиот Ф1 шампион. 

ЈОС ЈА КОНТРОЛИРАЛ КАРИЕРАТА НА МАКС, ЖЕСТОКО ГО КАЗНУВАЛ, САМ ГО ВОЗЕЛ ПО ЕВРОПА И ЕДНАШ ГО ОСТАВИЛ НА БЕНЗИНСКА ПУМПА

Кариерата на Макс почнала со вообичаен детски сон: кога ги видел децата на картинзи, тој со солзи побарал од мајка му ист таков картинг. Набрзо родителите му го купиле првиот картинг. Но Јос тогаш сметал дека Макс може да почне да вози само од шест години. Верстапен-јуниор подоцна стартувал да вози, на седум години и веднаш победувал. А тркачите биле 2-3 години постари.

Јос секогаш бил близу покрај патеката, посебно на дожд, за да му дава совет на син му во право време. Му укажувал на грешките и му помагал да развие акробатска техника. Новинаот Бас Калигис еднаш го опишал раниот стил на Макс: „Од сам почеток, од прв круг, оди до крајни граници дури и кога гумите уште се незагреани“.

Јос бил внесен во кариерата на син му повеќе од неговата. Поставил висока граница. Тетка му на Макс се сеќава на еден момент од порано:

„Еднаш Макс се врати од школо и рече: ’Тато одам да поиграм фудбал со дечките во парк’. Ама брат ми додека се облекуваше му рече: „Ништо од тоа. Не чека картинг“. Макс не сакаше да  оди, ама мораше. За осумгодишно дете тоа беше тешко“.

Во развој на кариерата на син му, Јос вложил околу пола милин евра. За помош и поддршка се обраќал кај пријателите. Еднаш во септември 2012-та, 14-годишниот Макс го искршил својот болид при еден обид да го врати водството на трката. Татко му Јос цела недела не разговарал со него од лутина.

„Во Формула 1 ништо не ме изненади зошто никој не се однесувал така жестоко како татко ми“, признал еднаш Макс.

ПРВИТЕ ПРОБЛЕМИ ВО РАНАТА ФАЗА ОД КАРИЕРАТА

Првите сериозни потешкотии Макс и татко му Јос ги имале во Формула 3. Немале доволно пари за настап кога се приближил почетокот на сезоната. За учество требале пола милион евра, а 16-годишниот Верстапен никој не сакал да го спонзорира.

Конечно на крај во канцеларијата на „Ван Амерсворт Рејсинг“ се сретнале клучните лица: сопственикот Фриц ван Амерсворт, Јос и Макс Верстапен, менаџерот на Макс Рајмонд Вермолен и постариот агент на Јос, Хуб Ротенгатер. Се договориле сите да помогнат и да ги соберат потребните средства за Макс да биде регистриран како пилот во Формула 3. Ротенгатер му купил болид од 150.000 евра!

Набрзо во Формула 3 Макс го покажал целиот раскошен талент. Најлудо возел на патеката во Норисринг кога го привлекол вниманието на еден од вработените во Ред Бул тимот, Хелмут Марко.

Тој решил да ги убеди челните луѓе на тимот да потпишат договор со младиот Макс и татко му Јос.

Во март 2015-та Макс Верстапен во Мелбурн стана најмладиот пилот во историјата на Формула 1. Имал 17 години и 166 дена.

Во првата година од професионалната Ф1 кариера, Макс во хотелите ширум светот престојувал со татко му. „Макс слепо му верува на татко му. Автоспортот е конкурентна средина и ако не ги знаете правилата може сериозно да ја нарушите кариерата. Јос многу му помогна на Макс“, вели Шеви Пужолар, инженер во тимот „Торо Росо“.

На 14 мај 2016-та Верстапен-постариот конечно можел да се смири. Син му Макс на 18 години како пилот на Ред Бул победи на една трка.

Малиот Макс прерасна во права тркачка ѕвезда. Неговата плата на годишно ниво се движи од 30 до 40 милиони евра, а спонзори му се супермаркетите Jumbo и брендот за облека G-Star.

На 12 декември 2021 година ја освои првата шампионска титула и тоа со сензационален триумф во последниот круг во последната трка од сезоната кога го претрка директниот ривал, лидерот Луис Хамилтон кој има 7 шампионски титули.

Макс Верстапен стана првиот и единствен шампион од Холандија а воедно и најмлад светски првак во историјата на Ф1.

 

13 декември 2021 - 10:14