Македонија како самостојна држава дебитираше на Олимписките игри во Атланта 1996. Четири години претходно на игрите во Барселона, македонските спортисти настапија како независни олимписки учесници поради тоа што по распадот на Југославија, уште не бевме членки на МОК.
Во Атланта, македонската експедиција се натпреваруваше во четири спортови: пливање, кајак и кану на диви води, борење и стрелаштво.
Во пливање претставници беа Мирјана Бошевска, Наташа Мешковска, Кире Филиповски и Александар Маленко. Во стрелаштво единствен беше Сашо Несторов (воздушна пушка од 10 метри). Во кајак и кану се натпреваруваа Ана Угриновска, Лазар Поповски и Ненад Трповски и во борење Владо Соколов, Шабан Трстена и Валери Верхусин.
Ова се практично 11-те спортисти кои ги удрија темелите на Олимписките игри во независна Македонија, но не се првите македонски претставници.
Во периодот од 1920 до 1992 година, македонските спортисти настапуваа под знамето на Југославија и освоија вкупно 12 медали.
Со бронзата на Могамед Ибрагимов во 2000-та и среброто на Дејан Георгиевски 2021-ва, имаме вкупно 11 олимпијци со освоени 14 медали од кои 2 златни, 6 сребрени и 6 бронзени.
Историјата почнува од голманот Благоје Видиниќ кој прво во Мелбурн 1956 освоил сребрен, а потоа во Рим 1960 и златен медал со фудбалска репрезентација на Југославија.
Инаку Видиниќ е роден во Скопје 1934-та, а кариерата ја почнал во Вардар каде бранел од 1951-ва до 1955-та година. Како селектор тој ги има водено Мароко и Заир на Мундијалите 1970-та и 1974-та година.
16 години подоцна на игрите во Монтереал со медали се закитиле Благоја Георгиевски Буштур во кошарка и Аце Русевски во бокс. Најуспешна Олимпијада за македонските претставници е онаа во Лос Анџелес 1984, каде може да се пофалиме со дури 5 медали.
Ова е целата листа на која фали само Дејан Георгиевски кој со среброто во теквондо, на Македонија и го донесе најголемиот олимписки успех од независоста.
Благоје Видиќ
Благоја Георгиевски
Аце Русевски
Шабан Сеид
Шабан Трстена
Реџеп Реџеповски
Азис Селиху
Милко Ѓуровски
Стојна Вангелова
Могамед Ибрагимов
ЕДИТ:
Добивме писмо од читател дека прв Македонец со освоен олимписки медал е фудбалскиот напаѓач Кузман Сотировски во кралска Југославија, роден 1908-ма во село Стенче кое се наоѓа меѓу Тетово и Гостивар. Но според инфото кое ни го прати од Википедија, стои дека тој е само прв македонски учесник на игрите во Амстердам 1928.
Истото го тврди и еден од доајените на спортското новинарство, Миодраг Мицковиќ кој лани напишал сторија за него.
ЕДИТ 2:
Друг читател - со право - смета дека би било чесно и оправдано на таа листа да се најдат и нашите најуспешни параолимпијци, кои во изминатите три децении сосема достоинствено ја имаат претставено нашата држава. Најмногу успех на параолимпијадите имаат нашите стрелци, прв во независна Македонија е Бранимир Јовановски со златен медал на 10 метри воздушен пиштол во Барселона 1992год. Оливера Наковска Бикова злато во Лондон 2012 и Ванчо Каранфилов сребро во Атина 2004 година (а имаме и некои бронзи во пливање од 1980та година во склоп на Југославија).