Серена збесна после поразот во финале на УС Опен

Најголемиот талент во женскиот тенис Јапонката Наоми Осака направи чудо откако со 6-2, 6-4 ја победи Серена Вилијамс (36) во финалето на УС Опен и предизвика Американката да крши рекети и на глас да се расправа со судијата.

20-годишната Осака стана прва тенисерка од Јапонија која освоила еден Гренд Слем. Од друга страна Серена играше за рекордниот 24. Гренд Слем (прв по раѓањето на ќерката).

Во првиот сет Осака фуриозно со 6:2 за пола час ја збриша Серена а во вториот гем од вториот сет 47-годишниот судија од Португалија ја опомена Серена поради комуникација на теренот со тренерот Патрик Муратоглу што се коси со правилата.

Тоа ја извади од контрола Серена која почна да му вика на судијата: „Ако тој (тренерот) мене ми покажува палец, тоа значи дека ме бодри. Немаме никаков код за време на мечот. Мислам дека не го знаете тоа и затоа зборувате така. Немаше никакво договарање“, му рече Серена.

Набрзо потоа Серена продолжи да се расправа со Рамос и агресивно да се однесува: „Знам зошто така помисливте и сакам да знаете дека јас никогаш не лажам“.

Рамос ѝ одговори дека ја познава многу години, дека таа не лаже но тоа што го покажал Муратоглу било спротивно на правилата. Според правилата на Гренд Слем турнирите, судијата за првото нарушување на правилата на некој од играчите дава предупредување, за второто одзема бод на тенисерот/тенисерката, а за секое следно им одзема гем.

На средината од вториот сет Серена повторно тргна кон судијата и бараше да му се извини што инсинуирал дека таа прави нерегуларни работи. Епилогот беше одземен поен, па еден гем на Серена.

„Имам ќерка и секогаш сум чесна. Никогаш не сум ги нарушила правилата. Должни сте да ми се извините гласно“.

Според дисциплинските одредби во кодексот на Гренд Слемовите има 18 точки и секоја од нив е објаснета. 16-та точка на списоков се однесува на verbal abuse во кое се вели: „Играчите не смеат ниту во еден момент за време на турнирот да навредуваат никого од вработените на турнирот, противниците, спонзорите, гледачите или кој било друг на територија на турнирот и неговата околина. Нарушувањето на ова правила се казнува со 20.000 долари за секоја епизода“.

Публиката на стадионот беше револтирана од односот на судијата кон нивната миленичка и на стартот на церемонијата на доделување пехари, ги исвирка организаторите.

 

9 септември 2018 - 12:56