Вториот најдобар хрватски рекет на Мастерсот 1000 во Синсинати одигра меч за паметење и изненадувачки го собори Шпанецот (7-6, 4-6, 6-3) за пласман во третото коло.
Мечот беше тениска војна со речиси три часовно безмилосно удирање на топчето, фантастични поени и дијагонали, за на крај Рафа по трет пат во кариерата да му подаде рака на Борна.
Првиот пат го совлада пред осум години во Базел (6-2, 7-6), кога Хрватот имаше само 17 години и се пробиваше, а вториот пат две години подоцна во Синсинати (6-1, 6-3) и тоа баш на 18 август, денот кога го сруши по трет пат.
„Во последните две години сум надвор од теренот и не сум играл на големи турнири пред многу луѓе. Искрено, само се надевав дека ќе одиграм добар натпревар, ќе дадам добар отпор, а на крајот победив, што е некако лудо. Да, навистина лудо“, изјави Чориќ по триумфот.
За него ова е десетта победа против тенисерите од топ 5, а колку е голема сензацијата против рекордерот со 22 Гренд слем титули, ќе ви долови следниов податок.
Надал беше без пораз против играч кој е послабо рангиран од 150-то место дури од 2006-та година, кога беше поразен од Јоаким Јохансон.
Од тогаш направи серија од 47:0 против играчи надвор од топ 150, се до судирот со 152-ро рангираниот Чориќ, кој инаку во 2018-та беше 12-ти рекет во светот.
Надал го атакуваше првото место на АТП преку овој турнир, кој служи како загревање за УС Опен, но брзо клизна, а Чориќ во следното коло повторно ќе се надигрува со шпански тенисер, овој пат со Роберо Баутиста-Агут.