Приказната за Тодор Мијаков Кош - најуниверзалниот спортист на векот од Велес

На 15 години ги шокирал Струмичани со 41 кош, во време кога не постоеле тројки. Вардар и ОФК Белград го барале како голман. Фудбалски. Немал утка од белата точка кога ги шутирал првите 10 пенали во кариерата, а имало обиди постар да го направат.

Познавате ли некој спортист кој може да се пофали дека бил фудбалски голман, ракометар, кошаркар, одбојкар, а играл и пинг понг и станал ракометен судија?

Овој уникатен беграунд го има Тодор Мијаков Кош, жива велешка легенда, која на 83 години, свеж во мозокот и со одлична меморија го почнува серијалот на емисии „Мојата фудбалска приказна“ изработени од екипата на batali.net.

Мијаков бранел за Керамичар и Борец од Велес, Трепча од Косовска Митровица и Брегалница Штип, а бил и капитен на РК Борец, како и кошаркар на Младост. Со било кој спорт да се фател, владеел.

 „Прво се заљубив во кошарката. Почнав како 14 годишник, а на 15 години станав првотимец. Правеа некои фалсификати постар да ме направат, па тек втор спорт ми е фудбалот.

Како фудбалер почнав во Керамичар на 16 години. Тоа беше фабрички тим. Со два тренинга застанав на голот. Тоа беше солидна екипа. Ме бараа од Борец бидејќи кубуреа со голман и преминав кај нив 1959/1960.

За републичка лига имавме просечна екипа и бевме во средина на табела. Тренер ни беше Ѓорче Качунковиќ, познат тренер кој го тренираше и Раднички Ниш“.

Градел кариера во време кога условите биле мизерни, од терени до опрема, и се фрлал по топка на терен каде едвај растела трева и тоа без ракавици.

Кош раскажува дека дури немале ниту веце, а соблекувалната им била во порцеланската зграда под поштата. Бил дел од едно романтично време во кое ги красело другарството и кога се играло од љубов. Какви премии, ни хранарина не им следувала. 

83 годишниот Мијаков се сеќава на голот кој му го дал Сократ Мојсов, директ од корнер, на првиот промашен пенал после 10 погодени. До ден денеска се кае што одбил големи клубови.

„Бев прогласен за најдобар голман во републичка лига и за мене се заинтересира тренерот на Вардар, Иљеш Шпиц. Направив грешка врз грешка, што не можам да си простам до ден денеска. Да те бараат Вардар и ОФК Белград, а јас Велес да не го испуштам. Бевме тука негде со квалитет со Благој Истатов, ама тој најде некој менаџер и потоа знаете отиде во Партизан, па во Холандија, а јас останав тука и отидов на одбојка, па на ракомет“.

А од каде прекарот Кош?

На 15 години во Струмица им дал 41 кош во време кога немало тројки и така го добил прекарот Кош, инаку пет пати прогласен за најдобар спортист на градот, како универзален спортист на векот.

 

5 февруари 2022 - 08:15