Адем Џемили на осум години започнал да тренира фудбал во Челси. Во следните седум години тој бил член на младинските тимови на актуелниот европски шампион по што се преселил во Ридинг, а оваа сезона како позајмен играч од Дагенхем енд Редбриџ настапува за нисколигашот Тарок.
Неговиот сон се исполни и тој ќе настапи на Олимписките игри во Лондон, но не како фудбалер. Тој ја исполни олимписката норма во трка на 100 метри.
Откако видел дека не му оди во фудбал, тој од минатата година паралелно започнал да тренира и атлетика и викендов на атлетскиот митинг во германскиот град Регенсбург истрча 10,08 секунди на трката на 100 метри.
Тоа време не само што е доволно за норма за Олимписките игри во Лондон, туку Џемили го истрча и вториот најдобар резултат во историјата на јуниорскиот спринт во Европа.