Поради долгото и сериозно топло лето, организаторите на ЛОИ, од Меѓународниот Олимписки комитет решиле маратонските трки да се одржат надвор од Токио, во друг град.
МОК соопшти во четвртокот дека ќе ги дислоцира машкиот и женскиот маратон во Сапоро, град кој се наоѓа на преку 1.000 километри подалеку од Токио, на далечниот север каде температурите и преку летниот период се далеку попријатни, а влажноста помала од онаа во главниот град.
Трките и во брзо одење ќе се одржат исто во Сапоро, град кој стана прв во цела Азија кој организирал Зимски Олимписки Игри во 1972 година, но никогаш не бил домаќин на летен настан од ваков тип.
„Во Сапоро, температурите за време на Игрите ќе бидат од пет до шест степени пониски преку ден отколку во Токио. Одлуката е донесена по консултација со домаќинот и со Меѓународните федерации, а со цел да се олесни ефектот од температурите кои не чекаат следното лето“, стои во соопштението на МОК.
Јапонија важи за земја која сериозно пати од глобалното затоплување во последно време. Летото 2018 во Јапонија било со рекордно високи температури во некои градови.
Организацискиот комитет на Паралимписките Игри исто така соопштил дека ќе преземе мерки со цел да ги заштити гледачите и атлетите од големите горештини.
Притоа, МОК и Организацискиот Комитет решиле трките да се трчаат навечер наместо рано наутро како што е традиционална пракса секаде во светот, а рагби натпреварите ќе се играат претпладне.
Не знаеме уште дали луѓето од МОК знаат дека ФИФА организираше Светско првенство во Катар 2022, па едвај ги намолија наместо летен период кога се игра Мундијал, да го закажат за ноември кога бар малку ќе спласнат пеколните горештини.